Од Сицилија си заминав како сите кои го завршуваат единствениот летен годишен одмор. Со опашката меѓу нозе.
Гледав да ги запаметам боите, за да можам да ги идентификувам, во некое идно време. И секогаш кога се обидувам нешто многу да запамтам, знам дека очите ќе ме изиграат. Секогаш ги ставам на тест и тие секогаш ми го прават истото. По некое време, забораваат нијанси, забораваат детали, ја смалуваат сликата, се додека еден ден не почне да бледее до исчезнување. Затоа е тука вкусот. Јас нему најмногу му верувам. Сакав да донесам едно кило смокви, лимони, грозје, патлиџани и понeкое рипче. Само уз пат, сфатив дека тие како што ќе го изгубат атмосферскиот притисок и ќе сменат воздух, вкусот ќе се изобличи. Ќе спласне, ќе стане блуткав, ќе протестира. Така, не донесов ништо. Се вратив со празни раце.
Куќата мириса на застоено, фрижидерот празен, ролетните спуштени. Отвараш торби кои те потсеќаат на изминатите денови, песок, валкани алишта кои мирисаат на крем за сончање. Си понел по некој сувенир, еден куп фотки, понекоја одморска анегдота што ќе ја вадиш од џеб кога е потребно, излупена кожа, фатаморгана. Тажно се одвојуваш со куферот мислејќи дека ќе помине една година пред пак да се подружите. Удираш есап. Дошол септември. Се надеваш дека си акумулирал доволно сонце за да поминеш зимата. И Jово на ново. Годишниот одмор се станува драг фамилијарен спомен, се архивира и спремни сме за рестарт.
Откако ги наполнив очите, устата и носот со се што успеа ми даде, не ми остана ништо друго освен да го потврдам оној збунет поглед на моите пријатели од италијанскиот југ кои ги запознав. Секогаш кога ќе се сретнев очи во очи со некој од нив и љубопитно ќе запрашав како е на југ, одговорот беше скоро по калап:
« Ах, на југ е многу различно од тука. Луѓето се поинакви, се живее поинаку. Навистина е многу различно. Треба да одиш да видиш сама.»
А просторот што ми го остави зборот «различно», ми отвори нови видици, за мене непознати. Зашто, таму вистински животот застанал. Таму вистински се гледаат кафани полни со дедовци кои пијат од девет сабајле, баби кои плеатат на триножни столчиња, вистински се гледаат девојчиња кои под дворска сенка чистат кромид во казани, дијалектот непознат. И вкусовите и звукот на школките во чинијата е различен. Мирот има поинаков дух, сонот тежи.
Различно понекогаш е синоним за прекрасно. И тука Сицилија може да си го каже своето. Понекогаш е едноставно нееднакво на останатото. А ако тоа различно прави времето да застане, па нека е. Кој рече дека по секоја цена треба да брзаме и да се воедначиме со останатите? Глупаво е да го форсираш времето да брза. И тоа си има свој ритам кој треба да се почитува.
Септември, брзајбрзајпрваче (а јас им викам ич да не брзаат, пошто ова е само почетокот), филмски фестивали, печурки на скара, наскоро врели костени, мирис на суви лисја, прекрaснотија.
Сè ќе почне да си тече по универзалните правила и прописи. Убав месец за убави почетоци. Рутински ќе им се вратиме на секојдневните обврски кои сме ги избегнале во текот на врелите месеци. И јас му се враќам на секојдневието и ѝ се враќам на бавчата. Малку ми е страв и на компјутерот му се приближувам со недоверба и со малку еуфорија. Страв дека зборовите нема да се куцаат и дека ќе блеам во празен лист. Убава вест, не блеам. Еуфорија дека сакам да споделам сè што во минативе месеци ми се вареше. Што ново ќе ви ветам од во оваа нова година? Ништо. Само дека ќе продожам по мојот пат, како до сега.
За почеток сакам топло да ве поздравам, да ви посакам убава и бериќетна година зашто вакви работи посакувам во септември наместо во јануари.
На првачињата да им тргне со лесно, на болните да оздрават, на бруцошите да пијат повеќе, на осамените да се спарат, сите да имаат активен сексуален живот, кому му е најпотребно да добие на лото, кој бара работа да ја најде, кој сака дете, да му дојде, кој има све, да си го зачува тоа што го има.
Ајварот да биде подобар и бербата на грозје поплодна.
Септември е. Нека е на подобро.
Емили, Италија