Прости ми за изборот

Како роден 18-то мартовец, редовно славам роденден заедно со Св. Патрик и неговите весели, распеани, раззеленати чеда. Не дека сум католик, туку Св. Патрик се слави на 17-ти, а јас сакам да си го дочекувам роденденот, да го пречекам јубилејот, да го фатам неспремен и нерасонет, да му се изнапцујам што запнал баш секоја година да доаѓа и да ме потсетува дека самиот си барав да пораснам кога бев копиљ.

Нејсе. Добра вест е што Св. Патрик пие многу пиво. Алал вера, лоша вест е што иако ме боли трето уво за брбањата за непочит на традиционалните ортодоксни празници кои го одржале народот тука низ вековите (ко на пример славењето на Вера, Надеж, Љубов во турско), за да не се осетам толку некабожен и неортодоксен, среќна околност е што Патрик годинава честеше пиво на православна Прочка. А најлесно е човек да прости и да побара прочка уз некое пивце, нели?

Во тоа име, и за тотално да го укакам муабетов, нормално дека ќе си правиме малку муабет за политика. Уште малку, додека е кампањата. Збор си е збор и Бетмен од дадената реч отстапува само со меч. Рима. Ко Римо-католик се осеќам пак.

Значи, сакам да им простам на кандидатите за градоначалници за некреативноста и сувопарноста во понудените проекти, и за идеите на мојот тим кои ќе ги прифатат (значи НЕ украдат) оберучке. Барам прочка доколку пак јас сум им „згрешил" некако. Стварно сум немал намера, освен ако случајно сум имал. Играју се деца, нема љутиш. Во името на подобрата иднина и промената на името на кампањата Немаме Избор 2013 во Топ Избор 2017, еве уште неколку предлог-проекти од нашата програма кои ургираме кандидатите за градоначалници да ги имплементираат. Или стварно ќе се кандидираме и ќе ги запишеме сите во Биро за вработување, па новинарките со паушал-прашања од типот „А колку пари земавте од Бирото?" нема да имаат мака некој нареден пат кога ќе им се олабави ластикот околу гаќите, затоа што секој Александар не е Македонски.

И одиме. За денес избрав спорт, религија и земјоделство, плус цицки. Капитални проекти во нашите најважни секојдневни зони на интерес.

СПОРТ: Во делот на вложувања во спортот, една од клучните точки опфаќа формирање на КАРЛИНГ федерација и репрезентација на Македонија со професионална навивачка група, проект кој ќе се реализира со помош на 150 поранешни затвореници или осуденици на прекршочни казни до 6 месеци, кои така полесно ќе се рехабилитираат во општеството, посетувајќи различни светски метрополи на многу турнири, ќе стекнат многу нови пријатели, ќе научат нови јазици (намиг) и ќе ја шират вистината за Македонија. Дополнително, ќе ги олабават затворите кои се пренаселени и во кои се бара кревет плус, како во Охрид на втори август. Уште подополнително, карлингот е познат и како баш-домаќински спорт: ги ставаш работите (не знам како се викаат тие сивите срања) на свое место, цело време веслајќи со метлата за да биде чисто, додека пак нашиот новитет во овој спорт, навивачката група опремена со бакљи, знамиња, вувузели и Лада Самара со платформа на хауба ќе може да ја подигнува генерално досадната атмосфера на ваквите спортски настани.

Во иднина се планира и одржување на Карлинг Европски Куп на Изненадувањата (на патот меѓу Гостивар и Стража), како мала најава, намигнување кон светот за кандидатурата за организација на Зимска олимпијада во Охрид. Всушност, нашите инженери во моментов работат на подобрување на пилот-проектот за ски-скокалница чија основна мана во првичната верзија беше што скокачите од Врвот на Галичица после добро земениот залет слетуваа некаде пред Пештани па локалното население започна да развива агностички ставови откако никогаш не успеа да најде одговор на првичното пост-трауматично прашање: „кој се гаѓат со скијачи бе море?"

РЕЛИГИЈА: Државата ќе си е пак секуларна, но имајќи ја предвид Универзалноста на Кандидатурата, ќе се направат мали промени во начинот на избор на нов Папа. Римски папа. Нели. Имајќи предвид дека конклавата редовно паѓа во работен ден, а предводникот на римо-католиците е интересен од енциклопедиски шоубиз аспект и за останатите не-религиозни луѓе, за да не блеат непродуктивно во малото лимено оџаче над Сикстинската капела очекувајќи го белиот чад, Папата ќе се бира во исто време со претседателските избори во Македонија. Со ова, барем нешто интересно ќе се случува и во таквите потенцијално досадни недели.

На Ватикан ќе му биде предложена и Синхронизација на обичаите во насока на тотална демократизација на изборот на нов Шеф на мисијата на Бог на планетата Земја. Кардиналите ќе смеат: да учествуваат во кампања во која ќе го бараат „Нечесниот" меѓу своите противкандидати, да организираат протести и контра-протести, да блокираат столбови на плоштадот Св. Петар, да ја попречуваат светата богослужба со амандмани за делење на 'ржан леб на светата причест, да молчат на крштевки и други анахрхистички дејанија кои ќе ѝ наштетат на имиџот на Црквата. Фала њему, ако испаднат попаметни и ни предложат ние нареден пат да бираме еден До Века, ќе ја разгледаме и таа варијанта. Па што, и Папата е луѓе.

ЗЕМЈОДЕЛИЕ: Дозволена употреба на мотки за време на барањата за надомест на штета после поплава.

ЦИЦКИ: НЕГО КАКО?!

Ова ми е роденденската желба: Во недела на 24-ти ако осетите насушна потреба да нацртате бетменче, диносаурус во компромитирачка поза или маде од був на некое ливче кое ќе ви се најде при рака, нацртајте. Чисто за да ја канализирате вашата уметничка енергија и да го развивате креативниот потенцијал. Бидејќи креативноста и имагинацијата можат да го спасат светот.

Иако иста таква моќ, според најновите узнанија, имал и патлакот.

Простете ми за спотов :)
Рок Он!



betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT / Немаме Избор 2013
19 март 2013 - 16:11