Т'га од југ

Шах мат, изгубив р(а)ат

Битката со војната и насилството ја загубив одамна и планирам да го прославам поразот, зошто ако продолжам да му се лутам на светов или ќе заработам дијагноза или ќе повратам лава.

На 17-ти март, денот на Свети Патрик, додека во мојот град марширавте за мир, заминав на гости кај најверниот алабамски другар, Даниел Гари Купер. Аха, така се вика. Дени има огромен имот во Хантсвил, Алабама. Град кој нагалено го викам Перник, бидејќи има некој сив и празен шмек што неодоливо ме потсетува на бугарското место. Хантсвил има околу 200.000 жители на речиси 550 километри квадратни. Некои населби заличуваат на предградие на пустелија, но други на скапите маала на Водно. Небото е полно со ѕвезди и воздухот е чист.

Крај Хантсвил, во фабриката Редстоун арсенал, произведуваат проектили за потребите на американската армија. Арсенал за секакви потреби. Од ракети за хеликоптери до Томахавки. Опаа, си велам, значи постои веројатност дека сум чул експлозија на бомба произведена токму тука. Се возбудив. Се најдов на место каде се раѓа арсенал кој можеби ме извадил од памет додека во '99-та ми ровареле полуматурантските хормони. Кога само што почнав да зреам, некој заради нешто, со месеци истураше тони и тони бомби во комшии а имам уши па слушав детонации. И вести, што е можеби пострашно од самата експлозија. И се лутев некому заради создавање на изрази како колатерална штета, милосрден ангел, селективна правда итн. Тешко заборавам такви епизоди.

Забавата за Сент Патрик. За тоа ви кажував.... Забавата беше закон. Леприкан не видов ама позеленев. Најверојатно заради бојата за храна што ми ја ставаа во пивото. Друштвото, одлична екипа на "старци" кои слават 50-ти роденден на еден од компањоните. Таткото на Дени. Неговото семејство низ месециве ме згрижи ко свој. Во зорт ми зајмија пари на "лепе очи" и ме вдомија на некое време. Луѓе за мерак кои уживаат во својата земја. Повторно средна класа. Мажот е авто механичар, го работи она што го сонувал од копиљ и заработува доволно за жена му да седи дома. И да шие текстил. Па и да го продава онлајн и да донесе некој екстра долар.

Дени се тркал со квад пред години, па дури и бил национален шампион на САД во некоја аматерска категорија на негови 17. На имотот имаат и патеки каде некогаш тренирал а каде ми беше дозволено да пичам едно возило, налик на количка за на голф терен, само со многу повеќе моќ. И така си прават ќеиф луѓето и тераат ден за ден едноставно, со љубов и без многу грижи.

Дали можам да ги поврзам овие обични луѓе кои живеат тука или некои нивни братучеди или соседи, што со свои раце произвеле бесно оружје, со свирепост на војна? Не. Не можам. А пак дека ќе го отплеткам клопчиштето и ќе сфатам што горчина те тера со земја да срамнеш нечиј дом, па и да кренеш рака на жена во Скопско ЈСП, тоа не ни помислувам.

Во замена, ќе турам чаша вино и ќе ја сонувам шанкерката од локалниот бар. Ако знаев и песна ќе и напишев.

А тебе граду мој, кому набрзо ќе му се вратам, те молам со сета сила да не побудалиш зошто "оде воз у кукуруз." Во делечинава, Скопје пред луѓе сакам да го претставам преку аеродромските тревници, дебармаалските маси и насмеаните лични луѓе.

А и не ми се живее на терминал да ви кажам право.

Срања не ни требаат, бар за тоа се сложивме сите што не печалиме грдни пари од лудилото. Моќ да ги сопрам горштаците да дивеат немам, а на војната како доктрина не и можам ништо. Јебига, луѓе сме гнаси сме и немам во план да трошам нерви на вистината дека ко животни не не бива... па мислам на убавините на Земјата, на жени, на пријатели, на семејство... Не планирам да ги исправам кривине дрини ниту да зацапам во политика. Се држам до тезата дека политиката е ко кучешко гомно. Пази да не стапнеш.

Вртев војната ја нарече "...девојка која нема милост..." а такви риби ич не сакам. Марли опеа говор на Хајле Селасие, другарот на Тито, во кој доволно јасно е зипувана позицијата на етиопскиот император и која си земам за слобода да ја прифатам како своја. Не знам еден куп работи но бар знам дека немам време да мислам на војна ниту кога се маршира за мир.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

23 март 2012 - 18:57