Т'га од југ

Денот на железницата

Итаме кон Гринзборо, Северна Каролина, градот Винстон Салем. Сега цигара звучи уште послатко ама не даваат пустите да чуриш на возов. Ајде тој Шарлот нека се појави на видик па да изедам две Камел без филтер.

Како сте ми? Одамна не сме се читале. Школото завршуваше, се селев а се ближи и денот кога ќе се поздравам со Америкава па користам да патувам. Се надевам дека сте ми добри.

"Ова е возот од Њујорк за Њу Орлеанс!," гласно не пречека еден од кондуктерите на линијата Кресент на Амтрак. Речиси 2.300 километри од кои 1.650 припаѓаат на дестинацијата што ја истерав од Бирмингем, Алабама до Њујорк и обратно. Истиот џамбаз кондуктер веднаш ме предупреди дека музиката што ја слушам излегува од слушалките и ги вознемирува другите патници. "Гилти плежер" и признание пред јавноста: кога авион/воз/автобус тргнува со мене внатре, патешествието задолжително почнува со луциден романско цигански фолк. Што помислиле тие околу мене кога начуле ситни ромски звуци никогаш нема да дознаам.

Возот е чист, просторен и релативно брз. Патот од Алабама до Њујорк трае околу 22 часа а повратниот билет со кој добиваш удобно седиште чини 351 долар. Воопшто не е ефтино [во споредба, авионски билет за истата дестинација, купен со време е за 10на долари поскап од возната карта] но заради вечниот мерак и глорификацијата на возот се решив да патувам низ 10 сојузни држави и еден Дистрикт Колумбија.

Амтрак е компанија која на страна од импресивните факти и величина ја доживеав како најдобрата платена услуга во САД. Прецизни од Роуд Ајленд до Колорадо, возовите минуваат низ места и места и ретко доцнат. Патниот план беше точен од Алабама до Њујорк а кондуктерите и прислужниците строги но фер.

И како што тоа обично бидува, еден од прислужниците и првиот човек што ја провери мојата карта за Њујорк беше Грк. Втора генерација во САД, роден и израснат во Њу Орлеанс. Го слуша акцентов па прашува "од кај си?." Македонија велам без да знам кој не го прашал каде да се роди и со какво потекло. "Српска или грчка Македонија?" Само Македонија. "Нема такво нешто...." Слушај брат, одговарам, бев на свадба во Хантсвил вчера, спиен сум 3 часа и мамурен сум до Месечината, плус се качувам на воз каде ќе бидам 22 часа. Те молам немој со историја да ја почнеме. Не му се допаѓа што кажувам ама нема да ме напне бидејќи не сум напнат. Подоцна го понудив единствениот аргумент околу Македонија вс. Грција некогаш во дамнешно и прашав зошто би се бореле еден против друг ако "не постои Македонец што не е Грк" на што баткава рече дека сите Хелени војувале меѓу себе. Додаде и дека не постоеле Босанци и Хрвати но сите биле Срби па олабавувам и он подобро да разбере дека некоја древна замерка нема врска со тоа што сум разочаран оти Амтрак не служат алкохол во недела. Ниту пак со моето присуство на одреденава локација во време кое вели источно американско. Возот сеедно пичи.

И еве ви пишувам од лаунџ колата зошто е малку поудобно од седиштето а и многу голем човек седи до мене и ја има онаа патничка тенденција да заспива и паѓа кај мене на рамо. Секогаш е подобро да си во кафана. Тука... еден чика карши мене бледо се ѕвери во масата пред себе, од спротива тип позира со некакви карти за баење и мрда нешто со главата. Носи ракавици со отворени прсти и Близард лого на нив. Не му верувам. Во аголот седи сама Алабамка и страсно си певуцка некоја песна. Се кладам дека ја слуша онаа Адел. Веќе неколку часа чека да и најдат седиште. Ама гајле нема, вистинска јужњакиња, на глас цепа со дијалектот по телефон и мува не ја лази. Други карти играат. Едниот личи на џиберот Пит Бул. Си дремат и две возрасни црнкињи на сепарето до мене. Таа со руса фарбана коса ме гледа и мислам дека знае оти пишувам за нејзе. Стокмени се не изгледаат богато но дами се секако.

Пиво, грдо американско пиво чини 5 долари, сендвич во најлон и инстант мала пица се исто околу 5 долари. На одење се наоружав со пинта ефтино но пивливо виски а за назад се почастив со неколку мали винца. Виното е посебно невкусно но не се жалам, го пијам а оно ме адаптира на патот. Во ресторанот служат пристојна ама скапа храна. Два Бадвајзера и скромна чинија со паста ме чинеа 25 долари. Се, само не веган бургерот што го купив на доаѓање и еден од најгрозните оброци што сум ги имал во живот. Вкусот... како да си направил сендвич од две тетратки а меѓу нив има плескавица од прашина. Бљак.

Не може да не сакаш воз бе. Кога бев тинејџер ми кликна дека личната фасцинација од возови можам да ја обработам на две нивоа. Прво оној општ авторитет кој го има како превозно средство, големината и гласноста и моќта на машината. Објект кој неодоливо ја претставува разделбата и иако тргнува бавно, не можеш да го сопреш. Забрзува кон некој друг град каде ќе влезат и ќе слезат луѓе со чии животи немаш ама баш никаква врска но додека се клацкаме по шините, може да се сврти муабет како заедно во средно да сте завршиле.

Има има.... има нешто во возот и блеењето низ овие прозорци. Не знаеш дали заедно со возот се движиш низ просторот или си заглавен во оваа туба а светот надвор од неа е тој што пичи некаде. А малишаните што му мафтаат крај шините се оние кои се на пат. Ти си закован во купето.

Другиот аспект кој ме врзува со железницата најверојатно се повеќе од 100те патешествија кон Битола. Оваа линија ја терам од пелени. Прво како патник во експресниот воз Љубљана - Атина кој за околу 2 часа не носеше на зимски распуст а потоа со деловниот од Скопје за Битола, прекрасна линија на чие гниење бев сведок. И тука го имате патничкиот воз што застанува секаде и кој ќе ти ја покаже нашата Македонија низ бабите и дедовците кои се уште не се даваат, се пакуваат и така средени одат некаде. Тука ќе видиш многу бистри млади луѓе, намќори од сите калибри и ќе присуствуваш на одвратно шоу и лекција за КАКО НЕ ТРЕБА да се однесуваш во јавност или што НЕ Е лична хигиена.

Една од најголемите болки врзани со распаѓање на систем и основни структури во Македонија со кои израснав ми е токму 'рѓосувањето на македонската железница. И какви и да се причинско последичните врски за македонските возови со години да трулат и колку и да е таа цела заврзлама комплицирана, не можам не сакам и нема да разберам како земјиче со димензии ко нашето не може да доведе во ред пристоен железнички транспорт. Во Македонија има 5 железнички линии [Табановце, Битола, Гевгелија, Кочани и Кичево] и колку и да се должи и колку е и да е комплицирано средувањето на 5 линии [абе 5 линии!] никој никогаш нема да ме убеди дека истото е невозможно. Секоја чест на луѓето кои совесно си ја вршат работата но кои и да се виновници за некогаш морбидната состојба на возовите, а мора да ги има, срам да ви е!

Еве го и Шарлот, една од 4те станици на кои можеме да се симнеме и да чадиме цигари на перон. А и ми треба цигара по "Крадци на велосипеди." После ќе го гледам "Појадок кај Тифани" за прв пат во животот.

Луѓево во лаунџот веќе се групираа па испоизвадија жестоко и сега се едно друштво од 6 луѓе. Пријателски се настроени, даваат сигнал дека им се комуницира ама сега сетингот ми е намќор. А и доста ми беа 45 минути разговор со две разгракани жени од Калифорнија на околу 40 години. Скитаат по САД од брег до брег и одлично вечеравме. Никогаш нема да ги заборавам. Другите нека играат карти а јас ќе пуштам Шпато и ќе го отворам следното вино. Убаво е.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

Еве ме и на Твитер: @adoohoho

16 мај 2012 - 21:03