Во една од најобемните студии за птичји песни спроведени досега, истражувачи користеле вештачка интелигенција за да проучат над 116.000 снимки од преку 3.000 видови птици од сите делови на планетата. Научниците заклучиле дека песната вообичаено се пренесува со генерации, но зависи и од условите за живот. Густите шуми, влажноста на воздухот и долгите растојанија помеѓу единките ги наведува птиците да користат мотиви и тонови кои полесно се пробиваат низ средината.
Песните имаат повеќе улоги. Со нив птиците привлекуваат партнери, обележуваат територија и комуницираат со другите единки од јатото или со ривалите. Научниците со години ги проучувале птичјите песни, но повеќето претходни истражувања се фокусирале на едноставни мерења како висината на тонот или фреквенцијата.
Во новата студија, песните биле третирани како пораки со информации, а не само звук. Покрај анализата на висината на тонот, било анализирано како се менува фреквенцијата и ритамот, за да може со ист метод да се споредуваат песни од илјадници различни песнопојки (Passerines), група која опфаќа над 60% од сите видови птици на планетата и е присутна во скоро секое копнено живеалиште, од тропските дождовни шуми до отворени тревни површини и планини.
Секоја снимка била испитана со спектрум на модулација на моќноста, што е техника за мерење на тоа како звукот се менува со текот на времето и низ различни фреквенции. Резултатите покажале дека повеќето песни се создадени од само осум повторливи звучни мотиви, кои птиците ги комбинираат на различни начини, како ноти во композиција.
Осумте мотиви вклучуваат три типа треперења отпеани со различни брзини, три типа свирежи со различни промени во висината на тонот и две посложени звучни структури опишани како „атонални хаотични ноти“ и „хармонични струи“.

Песните обично содржат помеѓу два и осум мотиви, но еден секогаш доминира. Истражувачите откриле дека 65,3% од видовите го користеле својот главен мотив во повеќе од 80% од нивните песни. Преостанатите 34,7% од видовите почесто мешаат мотиви, што дава поголема варијација во нивните песни.
Птиците што комуницираат на долги растојанија обично се потпираат на поедноставни звуци – рамни свирежи и бавни треперења кои патуваат подалеку без да ја изгубат јасноста. На пократки растојанија произведуваат посложени песни со ултрабрзи треперења и хармонични струи, кои можат да носат повеќе информации, но и полесно се изобличуваат на далечина.
Птиците што живеат во тропските дождовни шуми генерално користеле поедноставни песни, затоа што густата вегетација и влажниот воздух ги изобличуваат сложените звуци. Оние во умерените региони користеле побрзи и посложени свирежи.
Најсилното влијание врз песните, сепак, има еволуцијата. Со вкрстување на песните со семејните врски меѓу видовите, телесните карактеристики и системите за парење, тимот открил дека филогенезијата (еволутивната историја) може да објасни дури 82% од варијациите во мотивите.
Откриени се и помали, но доследни разлики во системите за парење. Видовите кај кои еден мажјак се пари со повеќе женки почесто имаат побрзи свирежи и други сложени мотиви.