Научниците главно го имаат игнорирано гнуто како предмет на посебна опсервација. Во документарци ги има ама главно како стандарден улов на посилните животни. Досега за импресивни се сметаа само нивните фасцинантно долги преселби во кои масовно страдаат од секакви предатори.
Едно скорешно истражување сепак покажува дека тие имаат со што да се гордеат: со своите нозе. Биопсија на мускулите покажала дека тоа се најефикасните механизми за движење на светот, далеку подобри од на луѓето, зајаците или кои било други цицачи кои биле мерени на оваа тема.
Тајната е во тоа што мускулот на гнуто успева дури две третини од енергијата која доаѓа до него да ја конвертира во физичко движење а само една третина се губи претворајќи се во топлинска енергија.
„Тоа се фасцинантни податоци. Тие имаат три пати поефикасни ножни мускули од најдобрите човечки атлети“, вели водачот на истражувањето објаснувајќи дека токму ваквата енергетска конверзија им овозможува бескрајно да талкаат по жешките предели без да се прегреат или дехидрираат.
За гнуто досега се знаеше дека му треба доста вода, но испитувањето покажало дека да немале такви мускули какви што имаат туку онакви какви што има кравата, на ден би губеле по 4,7 литри вода наместо 3,1 колку што губат.
Интересно е што во поглед на ефикасноста на мускулите (колку проценти енергија се претвора во движење), далеку подобро од зајаците или глувците котирааат - желките.