Јао Минг ги спасува ајкулите

Откако пред 4 години се пензионираше од НБА, огромниот Јао Минг не седи по плажи за да ги крцка парите пиејќи коктели со чадорчиња. Кинескиот кошаркар е посветен на идејата за запирање на бесмисленото убивање ајкули. И забива одлични поени.

Последниве години Кина стана најголемиот пазар за перки од ајкула со оглед на тоа што супата од нив во таа земја стана своевиден статусен симбол.

Годишно во светот се убиваат околу 100 милиони ајкули, 73 проценти само заради нивната грбна перка која се сече а ајкулата се остава да умре бидејќи без неа не може да плива. Секој четври вид ајкула денес се смета за загрозен вид.

Од друга страна, некогашната НБА ѕвезда Јаo Минг реши да ја искористи својата огромна популарност во својата земја и заедно со непрофитната организација WildAid да тргне во кампања против сакатењето на овие животни. Велат дека нивните активности кои одат под слоганот "Ако купувањето престане, ќе престане уи убивањето" веќе успеале да ги намалат убиствата за половина. 

Благодарејќи на највисокиот играч во НБА, кој во својата родна земја, заедно со пензионираниот спринтер Лиу Ксианг е убедливо најголемата спортска ѕвезда, ваквата акција доби најширока можна поддршка. Последните сондажи на јавното мислење покажуваат дека 91 процент Кинези ја поддржуваат забраната за убивање ајкули.

Кинеската влада сè уште не решила да донесе таква забрана но како добар гест реши да престане да користи ваква супа во своите државни протоколи.

Претходно Јао Минг бее ангажиран во Кенија, во кампања за запирање на сакатењето слонови и носорози заради нивните коски.

А дека со ајкулите е трајно поврзан говори и фактот дека кошаркаскиот клуб во кој тој порасна а пред некоја година и го купи за да го спаси од банкрот се вика "Ајкулите од Шангај".

 

21 октомври 2015 - 11:09