„Штетата предизвикана од лишување на луѓето од вакцини најверојатно ќе биде сериозно поголема отколку најлошото сценарио ако се потврди дека има некоја поврзаност со згрутчувањето на крвта,“ објаснува вирологот од Универзитетот во Лидс, Стивен Грифин.
За сега научниците не знаат дали вакцината го предизвикува згрутчувањето а и ако го прави тоа, кој е механизмот. Стручната процена на хематологот од Универзитетот Џон Хопкинс, Роберт Бродски, е „Сите се чешаат за глава: дали ова е вистински сигнал?“
Сепак, експертите за безбедност на вакцини објаснуваат дека одлуката за паузирање не им била ни најмалку лесна, и дека тоа што симптомите се појавиле кај 13 пациенти, на возраст од 20 до 50 години кои претходно биле здрави, и тоа во 5 различни држави, покажува дека ова е почесто отколку што би било ако е во прашање случајност.
Пациентите, од кои најмалку 7 умреле, имале сериозно згрутчување на крвта, мал број на тромбоцити и внатрешно крварење.
„Ова е многу специфична слика. Нашиот водечки хематолог изјави дека никогаш до сега не видел вакво нешто,“ објаснува директорот на Норвешката агенција за лекови, Стеинар Медсен.
Истовремено во САД идентификувани се најмалку 36 лица кои биле вакцинирани со Фајзер или Модерна кои имале слично нарушување (ITP), меѓутоа истрагата на ФДА покажала дека овој синдром не е ништо почест кај лицата кои се вакцинирани, отколку кај оние што се уште не добиле вакцина.
Британија, која има вакцинирано над 10 милиони луѓе со вакцината на Астразенека, до сега нема пријавено ниту еден случај на невообичаено згрутчување на крвта.
Во 7 случаи регистрирани во Германија, од кои 3 завршиле со смрт, кај пациентите доаѓа до блокирање на главната вена од која истекува крвта од мозокот (cerebral venous thrombosis - CVT). Ова блокирање може да доведе до истекување на крвта во мозокот, што е смртоносно. Сите пациенти имале ниско ниво на тромбоцити, што дополнително го помогнало згрутчувањето на крвта. Германските доктори изјавуваат дека еден од пациентите имал згрутчувања од глава до петици.
Германија го паузираше вакцинирањето во понеделникот по препорака од Пол Енрлих Инститот, надлежниот германски орган за безбедност на вакцините. Првиот човек на ПЕИ, Клаус Цичутек, изјавил дека сите седум случаи на ЦВТ настанале по 4 до 16 дена по вакцинирањето, а дека анализите покажуваат дека во тој рок би било нормално да се појави само 1 ваков случај на 1,6 милиони луѓе кои ја примиле вакцината.
Цичутек изјавува дека германските експерти кои се состанале во понеделникот „едногласно се согласиле дека изгледа како да има шаблон и дека поврзаноста со вакцината не е неверојатна и дека таа треба да се испита.“
Наспроти ова е ЕМА, која инсистира дека вакцинацијата треба веднаш да продолжи.
„Кога вакцинирате милиони луѓе неизбежно е да има ретки и сериозни случаи на заболувања кои се случуваат по вакцинирањето,“ изјавува првиот човек на ЕМА, Емер Куке, според кого во моментов агенцијата е „силно уверена“ дека бенефитот од вакцината е поголем од каков било ризик.
Експертите од германскиот Роберт Кох институт задолжени за предвидување на правецот во кој ќе се движи ковид и пандемијата, се на став дека следните 4 недели се клучни за тоа колку луѓе ќе заболат и ќе умрат во Германија од третиот бран, заради што инсистираат дека „треба да ја забрзаме вакцинацијата - и тоа многу“.
Математиката што ја даваат експертите за заразни болести од Универзитетот на Источна Англија, е дека ризикот од заболувања од ЦВТ е 5 случаи на 1 милион вакцинирани, додека стапката на смртност од ковид-19 кај мажи на средина од 40-те години е 1.000 умрени на милион заразени.