Првиот човек на СЗО се согласува да биде дадена трета доза, меѓутоа само на оние на кои имунитетот им е сериозно загрозен, што е само мал процент, а не на целата популација.
Ставот на СЗО е дека прво треба да бидат вакцинирани најранливите луѓе низ цел свет, пред богатите држави да почнат со вакцинирање со трета доза.
„Кога дел од државите можат да си дозволат да имаат трета доза, а други воопшто не се вакцинирани со прва и втора доза, тоа веќе станува и прашање на морал,“ изјавил Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој објавува дека во време кога САД брзаат да почнат со давање трета доза, над 75% од 4,8 милијарди дози вакцина завршиле кај само 10 држави во светот, и дека на пример во Африка само 2% од популацијата е вакцинирана против ковид-19.
Американскиот план за давање трета доза се базира на тамошни студии според кои заштитата од вакцините на Фајзер и Модерна почнала да слабее 6 месеци по целосното вакцинирање.
Минатата недела студија објавена во журналот Саенс алармираше дека правењето залихи од вакцини, додека огромни делови од светот остануваат невакцинирани, ќе доведе до поопасни мутации на вирусот и уште поголем број на заразени.