За епидемијата на деца што го минуваат распустот пред монитор

Докторите треба да препишуваат „играње на рецепта“ за да можат да се справат со дебелината и проблемите со менталното здравје кај децата, препорачува првиот човек на Канцеларијата на комесарот за деца на Англија.

Од канцеларијата предупредуваат дека е потребна итна акција за да се стави крај „на ’живеењето во кокошарник’ за време на летниот распуст, кое е штетно за менталното здравје на децата, придонесува кон насилство и прави тие да се вратат на училиште со полошо здравје отколку кога отишле.“

Ен Лонгфилд наведува докази дека кардиоваскуларното здравје и нивоата на дебелина се влошуваат за време на летниот распуст бидејќи децата остануваат дома пред компјутер или на телефон.

Таа бара парите што се собрани преку владиниот „данок на шеќер“ (за годинава се очекува да собере 240 милиони фунти) да бидат искористени за создавање на „привлечни игралишта лоцирани на правилни места, кои на децата и родителите ќе им дадат безбедни, возбудливи и пристапни катчиња.“

„Сите паметиме колку беа важни долгите летни распусти. Ама сега има чувство дека децата се повлекуваат во својот дом или дека се ограничуваат на својот дом, и последиците од ова ги гледаме кај нивното здравје, ментално здравје и маргинализација на училиште и насилството.

Родителите на игралиштата ми кажуваат дека ако тие не биле таму, децата ќе бидат дома во нешто што на мене ми беше објаснето како ’живеење во кокошарник’, каде огромен дел летниот распуст ќе го минуваат он-лајн,“ објаснува Лонгфилд.

Студија што минатата година ја објавува УКактив заклучува дека децата на училишна возраст на крајот од летниот распуст се далеку помалку физички подготвени. Децата во основно училиште изгубиле 80% од физичката подготвеност што ја имале за време на училишната година. Најсиромашните 25% имале 18 пати поголем пад на кондицијата отколку најбогатите 25%.

Сосема друга студија открива дека половина од британските деца на 7-годишна возраст не ги исполнуваат препораките на здравствените власти за минимум 60 минути активност на ден.

27 август 2018 - 15:56