Со тест на крв порано ќе се открива рак

Кај илјадници пациенти во Англија ќе се применува револуционерната „течна биопсија“ со која во крвта на пациентот рано се откриваат фрагменти од ДНК на тумор. Со рутински тест на крвта ќе се избегнат биопсии и скенирања. Тестот ќе биде стандарден за откривање рак на белите дробови, ќе се применува и на жени со рак на дојка, а се планира да се прошири на уште шест видови канцер.

Британската здравствена служба објави дека до крајот на оваа година тестовите ќе им бидат понудени на 15.000 пациенти со знаци на рак на белите дробови, како и на околу 5.000 жени со напреден рак на дојка кои не реагираат на други третмани.

Новиот тест открива фрагменти од туморска ДНК што циркулираат во крвта, кои се премногу ситни за да бидат забележани со други техники.

Микрометастази ќе може да бидат откриени многу порано, потенцијално една година пред да можете да ги видите, бидејќи туморот е премногу мал, објаснува докторот Исак Гарсија Мурилас, онколог од лондонскиот Институт за истражување рак.

Раното откривање ќе им овозможи на лекарите да ги идентификуваат мутациите што го поттикнуваат ракот, да го следат „во живо“ развојот и побрзо да утврдат како пациентите реагираат на лекови што може да го забават или да го запрат напредокот на болеста.

Во случаите на рак на белите дробови тестот ќе овозможи третманот да почне најмалку две недели порано. Пациентите на кои со компјутерска томографија им се откриени знаци на рак нема да мора да чекааат биопсии на ткиво. Тестот може да придонесе и за целосно избегнување на хемотерапија.

Министерот за наука Питер Кајл вели дека технологијата може да биде пресвртница за илјадници семејства.

Замислете свет во кој повеќето видови на рак ќе се идентификуваат пред да се појават симптомите - не преку инвазивни процедури или опасни зрачења, туку со земање крв при рутински преглед. Ова сега не е научна фантастика, туку блиска перспектива, изјави министерот.

3 јуни 2025 - 17:16