Словачка ги прогласи ковид вакцините за ГМО: Ве претворија во пченка

Комесарот што спроведе истрага за пандемијата во Словачка тврди дека имунизацијата против ковид-19 била експериментална генетска терапија што ја менува човечката ДНК и го зголемува ризикот од рак. Пратеници го оспоруваат кредибилитетот на комесарот Петер Колар, кој е ортопед и пратеник, но не баш и заклучоците. Пет години по пандемијата сè уште не сме на чисто што сè содржеле вакцините mRNA.

Фото: ЕПА

Вакцините против ковид со mRNA содржат генетски материјал што може да ја промени човечката ДНК, тврди докторот Петер Котлар, назначен од премиерот Роберт Фицо на чело на комисијата што ја истражуваше владината реакција на пандемијата на ковид-19.

Ова не е вакцина. Можеме официјално да ја наречеме генетска терапија, изјави Котлар.

Тој ги обвини фармацевтските гиганти „Фајзер“ и „Модерна“ дека со своите вакцини ги претвориле луѓето во „генетски модифицирани организми“ и повика на итна забрана на вакцините со mRNA.

Ве претворија во пченка. Разбудете се, вклучително и медиумите, порача Котлар, ортопедски хирург и пратеник во словачкиот парламент.

Широко отфрлен како теоретичар на заговор, Котлар инсистира дека неговите тврдења се поткрепени со анализи во „водечки европски аналитички центар“ на сериите на вакцини што биле користени во Словачка.

Изразувајќи недоверба во правосудниот систем на Словачка, Котлар изјави дека ги споделил своите наоди со американските здравствени и правосудни власти, со ФБИ и со претставници на други земји. Поради „безбедносни причини“ во Словачка ќе му ги открие деталите за анализата на вакцината само на главниот обвинител Марош Жилинка.

Роберт Фицо и САД ме слушаат и тоа ме прави среќен, изјави Котлар.

Тој го обвини и Државниот институт за контрола на дрога (ШУКЛ) дека „слепо го следел лаењето на Европската агенција за лекови“ и дозволил „инјектирање токсични материи во луѓе“ без претходно да спроведе сопствена проценка за безбедност. 

Словачкиот ортопед и пратеник ја смета кампањата за имунизација против ковид за „глобален заговор во кој се вклучени фармацевтските компании, Светската здравствена организација и светските лидери“ без да навлегува во нивните мотиви.

Опозициските партии ги повикаа министерот за здравство Камил Шашко и премиерот Фицо да ги запрат „дезинформациите за вакцината“. 

Измамникот Петер Котлар е сериозна закана како советник за секого, а камоли за нашата влада, изјави пратеникот Марек Крајчи, поранешен министер за здравство.

Оскар Дворжак од Прогресивна Словачка ги нарече постапките на Котлар навреда за научниците, здравствените работници и жртвите од пандемијата.

*****
Види и:
Научници шокирани и алармирани што откриле во вакцините

31 март 2025 - 13:57