Почнаа карантините за мајмунски сипаници

Откако во земјата е потврден четврти случај на мајмунски сипаници Белгија воведе задолжителен 21-дневен карантин за сите пациенти позитивни на болеста.

Одлуката важи само за позитивните, а од нивните контакти за сега не се бара да се само-изолираат, но треба „да бидат внимателни ако се во контакт со ранливи категории“.

Не станува збор за ни најмалку нова болест туку прилично позната болест која потекнува од истото семејство како и малите сипаници. Стапката на смртност од мајмунските сипаници е под 4%, но тоа што ги паничи експертите е што болеста се раширила вон Африка, каде вообичаено циркулира меѓу населението.

Белгискиот институт за тропски болести соопшти дека ризикот од поголемо ширење на сипаниците во земјата е низок.

До саботата СЗО имаше пријавено 92 потврдени случаи во 12 различни држави, со 28 случаи кои се уште се под истрага. Мајмунски сипаници за сега се потврдени во Британија, Португалија, Белгија, Шпанија, Италија, Франција, Германија, САД, Канада и Австралија.

23 мај 2022 - 09:49