Германија:

Пандемијата одамна помина, прогонот на лекарите никако да заврши

Бјанка Вицшел, општа лекарка од Саксонија, во февруари ќе оди во затвор. Осудена е зашто во времето на пандемијата им дала право на избор на своите пациенти дали да носат маски или да се вакцинираат. Германија тоа го смета за кривично дело што мора да се казни со робија, одземање на ординацијата и уништување на животот на доблесната докторка.

Во јуни 2024 година регионалниот суд во Дрезден ја осуди докторката Вицшел на 2 години и 8 месеци затвор поради „издавање лажни медицински уверенија“. Судот, исто така, ѝ забрани три години да врши лекарска дејност и нареди конфискација на приближно 47.000 евра, на колку што го проценил „приходот“ од уверенијата.

Вицшел веќе помина 476 дена во притвор. Федералниот суд на правдата во септември ѝ ја потврди пресудата, што значи дека во февруари ќе мора да отслужи уште 498 дена во затвор.

Министерката за здравство Нина Варкен неодамна негираше дека властите за време на пандемијата ги принудувале здравствените работници да ги спроведуваат наметнатите мерки, прекршувајќи им го правото на слободен избор на пациентите.

Реагирајќи на критиките од американскиот колега Роберт Кенеди Џуниор дека Германија „политички гони лекари што ги ставаат своите пациенти на прво место“, Варкен сепак призна дека биле кривично гонети медицински лица, но „исклучиво поради измами и фалсификати“.

Вицшел е типичен пример на оваа контрадикција на системот. Според судот, Вицшел издала повеќе од 1.000 здравствени уверенија на „групни прегледи“ во 2021 и 2022 година без да спроведе „доволно“ медицински прегледи. Овие уверенија првенствено биле користени за ослободување на пациентите од задолжително носење маски или за потврдување на нивната неспособност за вакцинација, а во некои случаи и за неспособност за назално PCR тестирање. Јавното обвинителство објави дека истражува бројни случаи на сомнителни издавања на лажни здравствени уверенија.

Иницијативата Doctors Stand Up тврди дека Вицшел ги издала сертификатите во рамките на нејзините „независни терапевтски одлуки“ и го обвинува системот дека ѝ го уништил животот на докторката.

Поради кривичното гонење таа ја изгуби медицинската пракса, станот, здравствено осигурување, банкарската сметка и сите податоци и евиденции за пациентите. Со тоа, Вицшел претрпе значителна економска, професионална и социјална штета, укажува граѓанската иницијатива.

Други европски земји, кои исто како Германија наметнаа строги политики за време на пандемијата, барем ги ослободија лекарите од кривична одговорност.

Словачка, на пример, донесе закон за амнестија на прогонуваните лекари и за надоместување на штетата. Со закон беа укинати сите казни изречени помеѓу март 2020 и септември 2023 година за прекршување на прописите за коронавирусот - како што се задолжителното носење маски или барањата за карантин.

Во Шпанија, иако не беше донесен конкретен закон, Уставниот суд уште во 2021 година прогласи за неуставни некои мерки од вонредната состојба, што доведе до поништување на бројни казни.

27 јануари 2026 - 11:03