Кенеди го погоди слабиот нерв на Германија – фијаското со ковидот

Германската министерка за здравство со огорченост реагираше на критиките од нејзиниот американски колега дека Берлин им ги наметнувал на граѓаните вакцинирањето против ковид и носењето маски. Јавноста коментира дека Роберт Кенеди всушност е во право и дека пациентите во Германија практично немаат слобода за медицински одлуки.

Кенеди во своето писмо до германската министерка за здравство Нина Варкен ја обвини федералната влада за непочитување на автономијата на пациентите и за кршење на слободата на граѓаните да дејствуваат според сопствените убедувања при донесување медицински одлуки. Во фокусот на неговата критика беше вакцинацијата против ковид. 

Варкен во соопштение ги отфрли критиките како „целосно неосновани“ и „фактички неточни“. Таа појаснува дека лекарите никогаш немале обврска да даваат вакцини. Нејзината реакција предизвика критики од домашната јавност, особено тврдењето дека „во Германија важи уставно заштитената слобода на избор на терапија“.

Каква врска со слободата имаат задолжителните вакцини против мали сипаници за деца? - прашува Штефан Хомбург, економист вклучен како експерт во истражната комисија за коронавирусот во Германија.

Корисници на социјалните мрежи потсетија на случајот на интернистот Торстен Ман, кој беше предмет на истрага поради суспендирањето на вакцинирањето против ковид во неговата ординација во септември 2021 година. Ман сметал дека била загрозена слободата на пациентите да изберат дали да бидат вакцинирани.

Колку е слободна одлуката на пациентите да се вакцинираат ако се толку силно притиснати? Дали тоа е сè уште навистина слободен избор, како што бараме за сите медицински интервенции? - праша лекарот при истрагата лани во мај.

Варкен признава дека во Германија биле кривично гонети медицински лица, но „исклучиво поради измами и фалсификати, како издавање лажни сертификати за вакцинација или ослободување од задолжителното носење маски“.

Адвокатот Карлос Гебауер тврди дека сертификатите за ослободување од носење маски имале медицинска основа.

Здруженијата за осигурување од одговорност на работодавачите го предупредија Институтот Роберт Кох за штетните ефекти од широко распространетата злоупотреба на маските. Затоа нема правна основа за гонење на лекар поради сертификат за ослободување од носење маски, според членот 278 од кривичниот законик. Зошто не се промени ова? - забележува Гебауер.

Тој ги осуди и бранителите на министерката кои го напаѓаат Кенеди затоа што во писмото погрешно ѝ го напишал  презимето - „Workin“ наместо „Warken“.

Наместо објективно да се осврнат на сопствените грешки, коментатори лично се нафрлија врз РФК и неговите правописни грешки. Би сакал вакво ниво на прецизност и во деталите за фијаското со коронавирусот, пишува адвокатот. 

13 јануари 2026 - 13:18