Анализирајќи повеќе од 42.000 учесници, истражувачите идентификувале протеини во крвта кои може да се поврзат со осаменоста или социјалната изолација, бидејќи нивните повисоки нивоа беа откриени кај оние учесници кои се чувствувале така
Истражувачите разгледале повеќе од 2.000 различни протеини во крвта и ја земале предвид возраста, образованието и приходите на учесниците, дали пушеле, пиеле и сл. Откриле 175 протеини поврзани со социјална изолација и 26 поврзани со осаменост.
„Кога ќе го слушнете зборот „протеин“ можеби имате позитивна асоцијација, но не секој протеин е позитивен. Има стотици од нив кои се поврзани со зголемен ризик од болести како мозочен удар или Паркинсонова болест. Откривме дека околу 90 проценти од овие протеини се поврзани со зголемен ризик од умирање“, вели др. Чун Шен од Универзитетот Фудан во Шангај, главен автор на студијата.
Протеините се поврзани со воспаленија, антивирусни реакции и имунолошкиот систем, а повеќе од половина од протеините откриени во оваа студија се поврзани со кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и мозочен удар.
Колку што е познато, ниту еден од овие протеини не е причина за социјална изолација или осаменост, но намалените социјални контакти и чувствата на изолација влијаат на нивното ниво.
Истата студија открила само мал број протеини со спротивни ефекти. Четири од нив делувале како заштитни фактори од штетните ефекти на социјалната изолација и само еден како заштитник од негативните ефекти од осаменоста.