Иако намалената хоспитализација е олеснителна околност, сепак останува загриженоста дека зголемената способност на омикрон за ширење би можела на крај да ги преплави болниците.
За прв пат од почетокот на пандемијата во Британија за еден ден беа пријавени над 100.000 нови случаи.
Во шкотска студија која следи колку луѓе со ковид завршиле во болница, се објаснува дека ако омикрон се однесувал како делта, тие очекуваат 47 луѓе да бидат хоспитализирани. Во моментов има 15. Едно од објаснувањата на докторите за две-третини помалите бројки е дека во студијата се вклучени многу малку возрасни луѓе од ризични категории.
Во меѓувреме сличен исход има од јужноафриканска студија, во која пациентите заболени од омикрон биле 70 до 80 проценти помалку веројатно да бидат хоспитализирани во споредба со другите варијанти. Меѓутоа за тие пациенти со омикрон што ќе завршат во болница, статистички исходот е ист како и за заболените од други варијанти.
Млакоста на овој сој докторите ја објаснуваат како комбинација на самите карактеристики на омикрон, плус високото ниво на имунитет од вакцинација и прележување.
Студија на Универзитетот на Хонгконг открива дека омикрон е многу подобар во заразување на дишните патишта, но е далеку полош во навлегување во длабокото ткиво на белите дробови каде може да направи поголема штета. Универзитетот во Кембриџ пак открива дека омикрон не го бива за спојување на клетките во белите дробови, што се случува кога луѓето стануваат сериозно болни.