
Со новата студија биле следени реакциите на вообичаените вакцини кај 191 бебе во Австралија. Од нив 32 биле третирани со антибиотици веднаш по раѓањето, 49 биле изложени на дејство на антибиотици што ги примала мајката во бременоста, а 30 во периодот од шест недели по раѓањето.
При споредба на резултатите од микробиомите на бебињата во периодот на првата рутинска вакцинација, на возраст од шест недели, Било откриено дека кај бебињата што директно примиле антибиотик бил нарушен балансот и им било намалено нивото на „бифидобактериум“.
Недостигот од овие корисни цревни бактерии се поврзува со пониски нивоа на антитела против повеќе компоненти од вакцините против пневмокока и против хемофилус инфлуенца тип б (Hib) бактерија што се поврзува со воспалување на мозокот и сериозни компликации како ментална ретардација, церебрална парализа, глувост, епилепсија или парцијално слепило.
Вакцината (Hib) заедно со „инфраникс ИПВ“ е наменета за деца на возраст помеѓу 2 месеци и 3 години.
Бифидобактериумот е особено добро прилагоден за метаболизирање на олигосахаридите од мајчиното млеко поради што го има во висока стапка кај доенчињата.
Бактеријата му дава на имунолошкиот систем „дополнителен удар“, подготвувајќи го за оптимален одговор на антителата на вакцините. Антибиотиците можат да ја нарушат нормалната колонизација и да дозволат други видови бактерии да се вгнездат во цревата, вели авторот на студијата, Дејвид Лин, професор по системска имунологија на Универзитетот Флиндерс.
Не била забележана намалена реакција на вакцини кај бебињата чии мајки примале антибиотици за време на бременоста.
Лин вели дека резултатите од студијата не треба „претерано да ги загрижуваат“ родителите на новороденчињата третирани со антибиотици.
Обично има многу добра причина да им се дадат на новороденчињата тие антибиотици, со оглед на тоа што инфекциите и сепсата во тој критичен период може да бидат многу сериозни, вели професорот.
Новороденчињата третирани со антибиотици сè уште имале „прилично пристојни одговори на сите вакцини“ и се очекува да бидат заштитени од инфекција.
Во наредните месеци ќе бидат спроведени клинички испитувања за да тестира дали давање на пробиотик што содржи бифидобактериум на новороденчиња третирани со антибиотици ќе го подобри одговорот на антителата на рутинските вакцини. Пробиотикот е безбеден и веќе широко се користи во болниците за заштита на прерано родени бебиња.