Нов хируршки зафат врз фетус спасува бебиња од големи маки

Хирурзи во Тексас успеале со нов тип зафат да спасат неродено бебе на кое поради редок феномен цревата му растеле надвор од телото. Со експериментална и минимално инвазивна хирургија успеале да му ги вратат органите во абдоменот пред да се роди. Оваа аномалија денес се третира со повеќе постнатални операции и со повеќемесечен престој на интензивна нега.

Британката Мејџи Севиџ прифатила да биде подложена на операција во Детската болница на Тексас во Хјустон откако во 26-тата недела од бременоста кај нејзиниот нероден син била дијагностицирана сложена гастрошиза – состојба при која папокот не е поврзан правилно, па цревата се развиваат во неговото тело, туку во матката.

За време на операцијата, плодовата вода од матката привремено била заменета со јаглерод диоксид за да им се обезбеди простор на хирурзите за работа. Со минимално инвазивна фетоскопска техника хирурзите ги вратиле цревата во телото, го затвориле абдоминалниот ѕид и потоа ја обновиле матката, со што овозможиле бременоста да продолжи нормално.

Тео се родил по природен пат по февруари, целосно здрав, и по само неколку дена бебето и мајката биле отпуштени од болница. Успехот на операцијата е објавен откако бебето наполни пет месеци без какви било последици од зафатот.

Гастрошизата е сериозна вродена аномалија што погодува по 3 до 5 на секои 10.000 новородени бебиња, односно помеѓу 40.000 и 70.000 бебиња секоја година. Во потешките случаи не преживуваат едно од десет бебиња со аномалијата.

Во поблагите случаи, потребни се една главна и неколку корективни операции на бебињата по раѓањето, повеќенеделен, па и повеќемесечен престој во одделение за интензивна нега и хранење преку сонда.

Тео е третото бебе што било оперирано пред да се роди. И другите две деца оперирани од оваа состојба се развиваат нормално, но случаите не се објавени поради желба на родителите.

Кога ќе го видите резултатот од работата на која сте посветиле 10 години, кога можете да ги промените животите на пациентите, тоа ве остава без зборови, вели д-р Сандип Кесвани, помошник-главен хирург во Детската болница во Тексас и главен истражувач на клиничкото испитување.

4 август 2026 - 14:24