Психијатрите бележат се поголем број на пациенти кои мислат дека се ѕвезди на тајно реално шоу, нешто слично на филмот "Шоуто на Труман."
"Еден пациент беше примен во психијатриска болница откако отиде во една федерална зграда во Њујорк и побара засолниште од неговото реално шоу. Тој велеше дека животот му бил како Шоуто на Труман, и дека сакал да зборува со режисерот. Тој верувал дека нападите од 11-ти септември се лажни и дека биле направени само за потребите на неговото шоу," пишуваат браќата психијатри Џоел и Иан Голд во нивниот труд објавен во Журналот за когнитивна невропсихијатрија.
Во втор случај опишан во трудот, пациентот верувал дека "е под контрола на голема мрежа индивидуи, кои постојано го снимаат и снимките ги емитуваат на целата нација."
Трет пациент бил новинар на весник, кој мислел дека колегите измислуваат вести за негова забава. Кога бил институционализиран, тој сметал дека тоа е дел од изненадувањето што колегите му го подготвувале пред да му биде доделена голема новинарска награда. Тој цело време сметал дека и неговите пријатели се дел од шегата, а вработените во болницата биле платени актери.
Неодамна еден жител на гратче во Илиноис, исто помисли дека е дел од реално шоу и дека целиот град е дел од тоа. Тој веќе започна тужба против телевизиската мрежа ХБО заради "снимање и емитување на реално шоу во кое се покажуваат секојдневните активности на тужителот." Во тужба се тврди дека телевизиската мрежа имала скриена камера во неговиот дом, во неговиот автомобил и дека во целата работа биле вклучени и полиција, адвокати и доктори.