Мултивитамска храна за рак

Пред бааги години, кога ни збоктисаа квази-медицински вести дека рак се добива те од ова, те од она, и кога ни стана јасно дека медиумската преплавеност со такви содржини е дел од индустријата на производство на страв и болести, цинично се запрашавме дали ќе дочекаме вест дека и витамините носат рак. Ете, дочекавме.

Ова погоре го пишавме пред некој месец, кога пренесовме од Ерусалим пост информација за рецензирана студија од Journal of Clinical Investigation:

„Витамините можат да го стимулираат растот на нови крвни садови во клетките на ракот. Овие нови садови можат да му помогнат на ракот да расте и да се шири низ телото. Клетките на ракот бараат снабдување со кислород и крв богата со хранливи материи за да растат нови крвни садови. Процесот е познат како „ангиогенеза....“

Истата фуфка сега доаѓа од друг извор, од онколог во британското јавно здравство, поврзан со добротворна организација за зголемување на свесноста за болеста. 

Доктор Мунеб Кан пишува дека мултивитаминските додатоци, за разлика од природните витамини, „не само што не се корисни за нашето здравје, туку можат да бидат и исклучително штетни и всушност да го зголемуваат ризикот од развој на рак“.

Објаснува дека природните витамини што ги внесуваме преку храната и зеленчукот постепено се апсорбираат од човечкото тело и затоа не претставуваат никаков ризик.

Меѓутоа, синтетичките мултивитамини го „бомбардираат телото со огромни дози на целосно непотребни хранливи материи“ и го преплавуваат крвотокот со до двојно поголема количина од потребните хранливи материи, и на тој начин стануваат некаква „супер храна“ за канцерогените клетки.

„Клетките на ракот се како мали грабливи Пек-Мени. Тие можат да внесат до 10 пати повеќе хранливи материи од нормалните клетки и ги користат сите овие вишок витамини за да станат посилни и да се размножуваат до точка кога антиканцерогените механизми на нашето тело веќе не се способни да се справат“, вели онкологот.

Наше е да ви пренесеме што викаат разни упатени извори по светов (и да ви дадеме линкови до изворите), ваше е дали и колку ќе верувате.

 

2 ноември 2023 - 10:30