Во исто време претераната тежина не е и не треба да се сфати како смртна казна или нешто страшно се додека се прави нешто за да се отарасиш од истата.
Затоа што секој човек со различни очи ја гледа сопствената тежина, имаме ситуација кога луѓе со 5 килограми повеќе паѓаат во депресија дека се дебели (колку и да сте високи / ниски со 5+ не сте дебели) и луѓе кои со 30 килограми плус се гледаат како да се таман тежина (колку и да сте високи / ниски 30 плус килограми не е здрава тежина).
Во целиот овој хаос на лично доживување на тежината, трауми од најразлични понижувања на основа на килажа и непогрешливи медицински правила, се појавуваат активисти за заштита на дебелите. Во првите години, тие имаат крајно издржани ставови, дека 4-5 килограми плус не е нешто страшно, без разлика што медумите протежираат суви ластергарки од луѓе или стандарди недостижни за секој чија професија не е да биде фитнес модел што не престанува да вежба и други подлабоки теми и проблеми на луѓето со вишок килограми.
Во нивната филозофија и понатаму останува тоа дека морбидната дебелина е ужасна за здравјето и дека секој има половина час на ден да излезе и да испешачи, колку може толку. Ако не може 30 минути, нека почне со 5 или колку сака, па нека накачува со тек на време.
Со тек на годините, позициите на активистите беа освоени од нови ликови кои почнаа да туркаат далеку помалку здрави ставови околу тоа што значи да си дебел и како тоа по ново не е нешто што подлежи на основните правила на медицината, туку едноставно е твое право како сакаш да се чувствуваш.
Еден од највидливите и најгласни активисти во сето ова е Тес Холидеј, модел висок 165 сантиметри и тежок околу 125 килограми. За нејзе неодамна се разбра и дека и покрај килограмите таа страда од анорексија.
Тес има една токсична филозофија дека е многу поважно како таа се чувствува и доживува, отколку каква е медицинската реалност на нејзиното постоење. Тоа би било страшно дури и ако ваквите ставови ги држеше за себе, без да ги прокламира преку сите свои платформи како здрав аргумент. Нормално, Холидеј одбива ваквото мислење да го задржи само за себе.