Ковидот удира на мозок

Кај секој трет преживеан од тежок ковид е дијагностицирано психијатриско или невролошко заболување во рок од шест месеци по заразувањето.

Студијата е американска и опфаќа речиси 240 илјади тамошни пациенти, и открива дека најчесто заболување кое се појавило кај прележаните од тежок ковид е анксиозност.

Иако мозочен удар и деменција биле поретки последици, тие воопшто не биле невообичаени кај оваа група на пациенти. Од лицата кои биле примени на интензивна нега со ковид-19, 7% имале мозочен удар, а речиси 2% се дијагностицирани со деменција. Откако се земени предвид најразлични фактори, пак излегува дека ризикот од дијагностицирање проблеми со менталното здравје е 44% поголем по ковид-19 отколку после грип.

Иако ризикот ова да биде дијагностицирано кај поединец е мал, сепак тие мали бројки се собираат и на национално ниво значат сериозен проблем за здравствениот систем, посебно што последиците со децении ќе се влечат низ здравството.

„Како резултат на ова здравствените системи треба да имаат ресурси за справување со очекуваните потреби, и во примарното и во секундарното здравство,“ објаснува главниот автор на студијата, професорот Пол Харисон од Универзитетот во Оксфорд.

7 април 2021 - 10:56