Колку вакциниран си доволно вакциниран за дружење?

Ако пролетва се знаело што точно значи кога некој ќе ти каже дека е целосно вакциниран, зимава веќе ништо не е јасно, пишува Џо Пинскер во Атлантик во текст во кој го воведува терминот - небустирани.

Од првичниот консензус дека две дози вакцина те прават целосно вакциниран, сега во време на третата доза не сите се на иста линија околу тоа што е целосно вакциниран - дали две дози, дали две дози + бустер, дали сите три дози се од ист производител, дали некој не примил бустер затоа што не сака или уште не им дошол рокот за трета доза.

Сред зима и сред ваков список на опции, „прашањето со кое треба да се справат многу Американци е дали е безбедно да се дружиш со некој што е вакциниран а нема примено трета доза? Дали можат невакцинираните мали деца безбедно да минуваат време со небустирани возрасни? И дали омикрон дополнително ќе го зголеми ризикот на и онака компликуваната зима?“

Најважен фактор во оваа равенка е дали сите присутни се вакцинирани. Препораката што ја пренесува Пинскер е од научничка од Детската болница од Бостон, Џесика Малати Ривеира, која „не би се чувствувала безбедно да мине време со невакцинирани лица во затворено; ако воопшто треба да се сретне со нив тоа би било надвор и со маски.“

Следен фактор е дали некој на кого му дошло времето за трета доза ја има примено истата.

Во рангирањето на Пинскер, луѓето кои добиле трета доза генерално се безбедни за дружење, ама и да ја немаат не е страшно. Меѓутоа на пример, Ривеира би била полагодна кога со небустираните што се во контакт со голем број луѓе би се сретнала на отворено.

„Ако има некој што секогаш е маскиран кога се во мешана (со вакцинација) средина, работи од дома и не се гледа со многу луѓе, не ме интересира статусот на нивната трета доза,“ се критериумите за дружење со небустирани што ги наведува Ривеира.

Без разлика на овие дилеми, дефиницијата на американското ЦДЦ за целосно вакциниран и понатаму останува иста - дека тоа е секој што ги примил првите две дози или една ако е со Џонсон и Џонсон. Во оваа дефиниција не се споменува никаква препорака за засилувач.

Во дилемата на Пинскер улога игра и комбинацијата на вакцини што луѓето ја земаат, бидејќи веќе се изработени скалила на заштита што ја нудат различни комбинации. Според нив, рангирањето според нивоа на антитела е следно, почнувајќи од највисокото:

- Три дози Модерна.
- Две дози Фајзер и Модерна бустер.
- Три дози Фајзер.
- Една доза Џонсон и Џонсон плус засилувач Фајзер или Модерна.
- Две дози Џонсон и Џонсон.

Олеснителното во сето ова е што разликите меѓу комбинациите не се страшно големи, или како што објаснуваат „разликата е како разлика меѓу гнасно богат и богат“.

Со вака покриени жаришта, најслаба точка во целата пресметка остануваат децата под 5 години. За нив препораката е едно мало дете меѓу сите вакцинирани возрасни (и доколку возрасните се без проблеми со имунитетот и коморбидитети) ризикот е навистина минимален. Меѓутоа ако има повеќе мали деца невакцинирани, тогаш средбите треба да бидат на отворено, со маски и со тестирање.

Стравот во најава на Пинскер е дека омикрон варијантата дополнително би можела да ги искомплицира работите, доколку се покаже посрмтоносна и позаразна.

Инаку првичниот наслов на текстот беше „Дали е безбедно да се дружиш со небустирани?“ за подоцна да се смени во „Како безбедно да се социјализираш во ерата на бустерите“.
 

10 декември 2021 - 11:20