Ќе го погоди ли берзата вистинскиот лек?

На вакцина за коронавирус и медикаменти кои би им помогнале на заболените се работи на неколку фронтови и трката е во полн ек. Некои решенија се во предност бидејќи веќе влегуваат во фаза на тестирање и немаат проблем со доброволци а адутот на други е што берзата верува во нив.  

Тешко е да се процени колку реакција на берзата е добар знак за ефикасноста на еден лек, но ете, така пренесува Гардијан.

Јасно, не постои лек кој би уништил вирус, но овој лек, кој досега се користел за некои нови видови грип, помогнал да се смират симптомите и да се подобри состојбата на белите дробови кај 91% од испитани 340 пациенти заболени од коронавирус, наспроти 64% кои минувале низ болеста без него.

Пациентите на кои им бил даден лекот се опоравиле во просек од 4 дена, наместо 11 дена колку што тоа трае без лек. Неговата драгоценост е што веќе е со употребна дозвола што значи дека ги минал сите тестови за безбедност.  Во 2016 веќе бил праќан во Африка за третмани на ебола.

Лекот е јапонски, се вика авиган (фавипиравир), тестирањата на неговата ефикасност биле правени во Кина а после оптимистичките резултати, акциите на компанијата која го произведува (инаку, фирма-ќерка на Фуџифилм) растат удирајќи ги дневните дозволени лимити за пораст на акциите.

На другата страна на океанот, очите се свртени кон компанијата Модерна. Вакцината развиена од Модерна веќе се тестира на луѓе. Четириесет и пет здрави индивидуи кои се пријавиле доброволно ќе примат пробна вакцина. Вакцината не го содржи вирусот, така што нема опасност да бидат инфицирани. Испитувањето треба да покаже дали имуниот одговор на телото ќе е соодветен и дали ќе има негативни последици.

18 март 2020 - 22:15