Кина потеклото на ковид-19 би го барала во САД

Откако се утврди дека болеста може да циркулирал уште од декември 2019, кинеските епидемиолошки власти побараа САД да бидат приоритетната локација во следната фаза на истрага за потеклото на ковид-19.

Првиот човек на кинескиот Центар за контрола и превенција на болестите, епидемиологот Зенг Гуанг, по основа дека САД беа спори во првичните тестови на населението, а исто така имаат повеќе биолошки лаборатории, смета дека фокусот на истрагата треба да биде токму на Америка.

„Сите капацитети за биолошко оружје што земјата ги поседува треба да бидат предмет на детална истрага,“ порачал Гуанг.

Минатата недела излезе студија објавена од американскиот НИХ (Национални институти за здравје), која покажува дека најмалку седум луѓе од пет американски сојузни држави биле заразени со ковид-19, неколку недели пред САД да го пријават првиот официјален извештај.

За портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи оваа студија покажува дека сега е „очигледно“ дека избувнувањето на ковид-19 има „повеќе извори на потекло“ и дека останатите држави треба да соработуваат со СЗО.

Кина за сега „спие“ на заедничката истрага со СЗО чии резултати во март годинава покажаа дека ковид-19 најверојатно е пренесен од диво животно на човек.

Паралелно со ова Пекинг уште од минатата година ја промовира теоријата дека ковид-19 влегол во Кина преку прекуморски транспорт на замрзната храна. Надвор од Кина повеќе политичари, предводени од американските повикуваат на дополнителна истрага на теоријата дека вирусот потекнува од лабораторија, конкретно онаа во Вухан.

17 јуни 2021 - 13:20