Кенеди: Обрежувањето го дуплира ризикот од аутизам

Американскиот министер за здравство го посочи и обрежувањето на новороденчиња како фактор за зголемување на бројот на случаите на аутизам. Вели дека двојно го зголемува ризикот. Причината не е самиот оперативен зафат што се практикувал со векови наназад, туку вообичаеното препишување Тиленол (парацетамол) за да им се ублажи болката на обрежаните момчиња.

Постојат две студии кои покажуваат дека децата кои се обрежани во најрана возраст имаат двојно поголема стапка на аутизам, што е многу веројатно, бидејќи им е даден Тиленол, му рекол Роберт Кенеди Џуниор на претседателот Трамп на состанокот на кабинетот во четвртокот. Министерот за здравство не објасни на кои студии се повикува. 

Во студија од 2013 година американски научници прв пат идентификувале корелација помеѓу неонатално обрежување со веројатна изложеност на парацетамол и нарушување на аутистичниот спектар, но заклучуваат дека се потребни епидемиолошки студии базирани на голема популација за да се потврди или да се побие оваа поврзаност.

Дански истражувачи во 2015 година следеле 343.000 момчиња од генерацијата Z и заклучиле дека имале поголема веројатност да развијат аутизам пред 10-годишна возраст во споредба со нивните необрежани врсници. Истражувачите наведуваат дека болката и стресните операции рано во животот можат да го зголемат ризикот од невроразвојни, бихејвиорални или психолошки проблеми подоцна.

Друга и помала по обем студија спроведена во Ирска во 2024 година покажа дека обрежаните момчиња со аутизам покажале значителни подобрувања во раздразливоста, сензорните проблеми и повторувачкото однесување во споредба со нивните врсници кои не се обрежани. Истражувачите, исто така, објавија дека уринарните симптоми, како што се болка, итност и потреба за мокрење навечер, биле значително намалени.

Министерот Кенеди најави дека за време на својот мандат ќе ги пронајде и ќе ги елиминира причините поради кои стапката на дијагностицирање на аутизам во САД се зголемила четирикратно од 2000 година. Се проценува дека денес од аутизам се засегнати 1 од 31 американски деца.

По сугестии од Кенеди, претседателот Доналд Трамп пред две недели изјави дека ацетаминофенот - кој се продава под брендот Тиленол - не треба да го користат бремени жени, освен ако немаат висока температура, затоа што го зголемува ризикот од развој на аутизам кај бебето. Трамп ги повика мајките „да ги издржат болките без парацетамол“ и побара од Администрацијата за храна и лекови да го ажурира предупредувањето на лекот, кој се продава без рецепт. 

Што се однесува до обрежувањето, бруклинскиот рабин Нехемија Марковиц, сертифициран специјалист кој го изведува ритуалот речиси 40 години, вели дека никогаш не препорачал парацетамол кога ја извршил процедурата кај новороденче.

Постапката е брза и добро се поднесува. Лесна газа и вазелин ја штитат областа, објаснува рабинот. За постарите деца, тој вели дека „соодветна доза на Тиленол може да ја ублажи краткотрајната болка“.

******
Види и: Трамп: Парацетамолот е причина за аутизмот
Производителот на „тиленол“ со години го криел ризикот од аутизам

10 октомври 2025 - 07:47