Том Гарнер од Ливепул го закачил вирусот 12 дена пред Британија да прогласи катанец. Акутната фаза на инфекцијата била жестока но барем верувал дека брзо ќе стане јасно кој ќе победи во битката, тој или коронавирусот. Меѓутоа, два месеца подоцна, уште не му е јасно до каде е со тоа прашање. А Гарнер би требало да знае повеќе за тоа бидејќи е долгогодишен експерт за заразни болети и професор на тамошната школа за тропска медицина.
Постојат сè повеќе докази дека ковид-19 има далеку поширок спектар на симптоми отколку првичните две-три кои се наведуваа на почетокот на кризата. Се чини дека немаме работа само со респираторна болест туку со нешто кое зафаќа и други системи во организмот; нервниот систем, крвниот систем. бубрезите, мозокот... Гарнер минал низ десетина симптоми, од стандардните проблеми со дишењето и зголемената температура, до проблеми со стомакот, артритис, зуење, вртоглавици... Таман кога ќе помислел дека болеста е на заминување, таа повторно се враќала со некој нов симптом.
„Тоа е многу фрустрирачко искуство. Многумина луѓе почнуваат да се сомневаат во себе и своите проценки а и нивните партнери помислуваат дека можеби е време за психијатриска помош,“ сведочи Гарнер на својот блог.
Сегашните сознанија велат дека еден од дваесет ковид-19 пациенти може да очекува пролонгирана симптоматологија на болеста, но бидејќи се работи за нов вирус за кој туторијалот уште не е напишан, не се знае колку долго може да биде тоа - два месеца, три месеци или подолго.
На професорот неговиот ковид-19 најмногу му личи на денга треската која исто така ја има закачено и со која се борел речиси една година.