Хирургот Дејвид Вартингер од Мичиген забележал нешто интересно кај своите пациенти. После секоја масовна посета на луна парковите на југ, во блиското Орландо, што традиционално се случува секоја пролет, оние од средниот запад се враќале кај него без бубрежните камчиња кои претходно ги мачеле.
Камењата во бубрег (нефролитијаза) според статистиката се создаваат кај 1 од 10 луѓе во некој момент од животот. Повеќето се толку мали што се исфрлуваат незабележано. Но некои остануваат во бубрезите и растат, што за илјадници луѓе не само што значи огромна болка туку и големи трошоци за третман (во САД 3,8 милијарди годишно). Маката пак на минување голем камен низ бешика се споредува со породување.
Вартингер со години слушал „урбани легенди“ за пациенти кои се отарасиле од бубрежни камења откако посетиле некои од големите луна паркови. Но по еден случај тој веќе се замислил - пациент откако се возел на огромен ролер костер во „Магичното царство на Дизни“ исфрлил мал камен. Се качил пак, и исфрлил втор. Па трет. Докторот одлучил да направи симулација - како во епизода на Митбастерс, употребил 3Д принтер за да направи силиконски модел на бубрег и го наполнил со камења и течност. Потоа со колегата-соучесник во експериментот купил карти за Орландо.
Сега дошол делот во кој на вработените на ролеркостерот со звучно име Big Thunder Mountain Railroad требало да им се објасни што прават двајца возрасни луѓе со ранец возејќи се десетина пати едно по друго. За среќа одговорниот тој ден самиот страдал од камен во бубрег па се заинтересирал за случајот. Додека се возеле докториве го држеле ранецот „на висина на бубрег“ за да го изложат моделот на истите физички сили кои би влијаеле на „обичен“ бубрег. За „поминат“ се сметал камен кој се помрднал од почетната локација и паднал на местото каде бубрегот се спојува со уретрата.
Резултатот: камењата минувале во 63,8% од обидите кога бубрегот бил во крајните вагони од возот. Кога бил на почетокот, минувањето било само 16,6%. Ова е базирано на 60 возења на еден единствен воз, но ваквите прелиминарни резултати дефинитивно ги поддржуваат „урбаните легенди“.
Следна фаза на испитување би биле возење на реални луѓе, со реални камења во бубрезите. Но дури и сега нема ништо страшно во тоа да се качите на најблискиот ролер костер (или да скокнете банџи?).
Уште камен од срце не научивме како паѓа.