Во фокусот на големо истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон бил семаглутидот, главната состојка на Вегови и на лекот Оземпик за дијабетес тип 2.
Биле испитани податоци од 41 земја за 17.604 луѓе на возраст од најмалку 45 години кои биле или со прекумерна тежина или дебели. На половина од луѓето им биле давани неделни инјекции семаглутид, а на другата половина плацебо. Семаглутидот го намалил ризикот од големи срцеви проблеми за 20%.
Врз резултатите немало големо влијание колку вкупно килограми луѓето изгубиле во првите четири месеци додека го земале лекот. Оние со просечен индекс на телесна маса (BMI) од 27 имале слични придобивки како и оние со повисок индекс.
Тоа сугерира дека слабеењето не е единствена полза за срцето. Поважно е намалувањето на обемот на половината. Тоа било забележано кај 33% од пациентите на кои им бил намален ризикот од срцев удар.
Абдоминалните масти се поопасни за нашето кардиоваскуларно здравје отколку вкупната тежина и затоа не е изненадувачки да се види врска помеѓу намалувањето на обемот на половината и кардиоваскуларната корист, забележа водачот на истражувањето, Џон Динфилд од Институтот за кардиоваскуларни науки.

Професорот предупредува да не се избрзува со користење на инјекциите за превенција, сè додека придобивките не се споредат со потенцијалните несакани ефекти.
Иако ова е многу обемна студија и пациентите биле следени долго време, сè уште не можеме да го знаеме потенцијалното влијание од континуираната употреба на овие лекови, особено кај кардиоваскуларни пациенти кои не се дебели. Потребни се повеќе истражувања за да се откријат другите механизми на дејство, како што се подобрувања во здравјето на крвните садови, контрола на крвниот притисок и шеќерот или воспаленија, вели Соња Бабу-Нарајан, клинички директор во Британската фондација за срце.