Хемотерапијата може да го забрза ширењето на ракот

Вообичаениот третман со хемотерапија насочен кон примарниот тумор може да ги разбуди неактивните клетки на ракот што веќе се вгнездиле во други органи од пациентот, предупредуваат научници од Кинеската академија на науки. Во тек се клинички испитувања дали овие несакани последици може да се спречат со додавање лекови што го запираат стареењето на клетките.

Наодите од истражувањето објаснуваат зошто пациенти со рак на дојка развиваат метастази во органи како белите дробови и покрај успешниот третман со хемотерапија на примарните тумори.

Демонстриравме дека хемотерапевтските лекови, вклучувајќи доксорубицин и цисплатин, ги зголемуваат ширењето и метастазите во белите дробови на неактивните клетки на ракот на дојка. Студијата е директен доказ за штетниот ефект на хемотерапијата и ја истакнува нужноста да се развијат нови стратегии за подобрување на третманот на ракот, забележува тимот предводен од Ху Гуохонг, професор на Шангајскиот институт за исхрана и здравје.

Истражувачи во САД претходно открија дека високи дози на радиотерапија за лекување на рак парадоксално можат да доведат до раст на метастатски тумори. Тоа ги поттикнало кинеските научници темелно да ги проучат и можните несакани последици од хемотерапијата. Студиите покажале дека и во раните фази на формирање на примарниот тумор може да се појават расфрлените клетки, кои може со години да останат во неактивна состојба. Не растат и не се размножуваат, што им овозможува да ја избегнат хемотерапијата.

Хемотерапијата поттикнува стареење во специјализирано сврзно ткиво наречено фибробласти – процес во кој клетките престануваат да се размножуваат и ослободуваат хемикалии што предизвикуваат воспаление. Фибробластите ослободуваат протеини кои предизвикуваат имунолошките неутрофили да формираат мрежести формации што ја менуваат средината во белите дробови и ја прават поволна за активирање на заспаните клетки.

Лабораториски тестирања на глувци покажале дека сенолитски лекови, кои ги елиминираат стареечките клетки, во комбинација со хемотерапевтскиот лек доксорубицин ги намалуваат стареечките фибробласти во белите дробови на глувците. Врз основа на резултатите од нивната студија, во тек е клиничко испитување од втора фаза за да се истражи безбедноста на комбинираниот пристап при лекување на тројно-негативен рак на дојка - инвазивна и агресивна форма на болеста што не може да се лекува со вообичаената хормонска терапија. 

Сенолитиците покажаа прифатливи безбедносни профили и придобивки. Ова може да биде ветувачка стратегија и потребни се понатамошни клинички истражувања, наведуваат експертите. 

22 јули 2025 - 13:30