Година дена од маските

Денеска е шести април 2021 година, точно една година откако Светската здравствена организација објави битно глобално упатство во врска со маските - дека не треба да носат здрави луѓе. Чисто да го одбележиме јубилејот на оваа сулуда година во која авторитети и инстанци на кои рационално им верувавме ни направија толку слаломи, што денес, искрено, и на најглупите антиваксери не можеш да им замераш.

Било понеделник и врвната светска здравствена инстанца излегува  на прес конференција на која нејзиниот прв човек на светот му порачува дека здрави луѓе немаат потреба да носат маски и дека нивната употреба нема да им донесе никаква дополнителна заштита од новиот вирус.

Тоа доаѓа како контра на препораката на американскиот центар за заразни болести (дадена три дена порано), за општо носење маски на јавни места.

СЗО реагира итно и порачува дека маските се за здравствени работници, за болни луѓе и за оние кои се грижат за нив. Маските, ќе додаде СЗО, можат да дадат лажно чувство на сигурност кое ќе води кон опуштање на луѓето и подзаборавање на „докажаните мерки, за миење раце и самоизолација.“

Еве ја веста на Бизнис инсајдер која нè потсети на оваа епизода.

Еден ден, ние или некој друг ќе седне и ќе направи детален попис за сиот овој ролеркостер низ кој минуваме.

Пресот на СЗО од 6 април 2020.

 

6 април 2021 - 15:32