Фајзер сака да почне да дава 4-та доза вакцина против ковид

Компанијата официјално поднесе барање до американските власти за издавање вонредна дозвола за давање втор бустер на сите лица од 65 години па нагоре.

Документацијата испорачана до американската ФДА содржи „податоци од реален свет“ собрани во Израел, една од малкуте држави кои дозволија втор бустер за стари луѓе. Одговорот од ФДА би можел да биде прилично брз посебно ако се заклучи дека податоците се точни и нема потреба од ревизија од надворешен панел на експерти за вакцинација.

На страна ова ФДА допрва треба да ја донесе својата долгорочна стратегија околу тоа дали во октомври или ноември ќе почне нов круг на давање втор бустер, и дали тие вакцини ќе бидат според истата формула како и сегашните или ќе бидат преработени за справување со новите варијанти.

Периодов се повеќе луѓе од администрацијата на Бајден се за тоа дека возрасни лица од сите старосни групи треба да примат втор бустер, заради краткотрајноста на мРНА вакцините на Фајзер и Модерна.

Од Фајзер порачуваат дека дополнителна доза од нивната вакцина барем четири месеци по првиот бустер би требало да ги крене нивоата на антитела и ги заштити лицата над 60 години од сериозно заболување и инфекција. Првиот човек на Фајзер го потврди ова порачувајќи дека четврта доза ќе биде неопходна заради паѓањето на имунитетот.

Минатата недела американски функционери признаа дека немаат пари да платат за четврта доза од вакцината за сите Американци, откако беше одбиен планот од 15,6 милијарди долари за финансирање вакцини и други ковид контрамерки.

*********

Види и:

16% од вакцината на Фајзер завршува во црниот дроб

Фајзер знаелe за 158.000 несакани реакции на вакцината?

16 март 2022 - 13:08