Европејците си легнаа на спутникот

Прво беше шок и неверување кога Унгарија на своја рака се дрзна да го разбие европското вакцинско единство и да нарача вакцина од Русија. Меѓутоа за ЕУ тоа само беше потврда дека Унгарија цело време игра против Унијата. Како што вакцините од ЕУ не изгледаше дека ќе стигнат, така и други членки решија да тргнат по патот на Унгарија.

Сегашниот статус на Спутник V во ЕУ е: првиот човек на германската регулаторна агенција јавно ја пофали руската вакцина, а Италија ќе стане првата земја членка на ЕУ која од летово ќе почне да ја произведува вакцината.

Опишувајќи ја како „добра вакцина која веројатно еден ден ќе биде одобрена и од ЕУ“ првиот човек на германската комисија за вакцинирање, Томас Мертенс, изјавува:

„Руските научници се многу искусни со вакцини. Спутник V e многу мудро создаден“.

Сомнежите околу руската вакцина беа што Русија ја одобри за користење уште летоска, додека испитувањата беа во втора фаза. Во февруари Лансет ги објави резултатите од тестирањето во последна фаза кои покажаа дека таа нуди 92% заштита против ковид-19. Иако вакцината допрва треба да биде одобрена Европската агенција за лекови (ЕМА), таа веќе е нарачана од неколку членки на Унијата.

Рускиот инвестициски фонд во меѓувреме постигна договор со италијанско-швајцарската фармацевтска компанија Адиен, Спутник од јули да почне да се произведува во близина на Милано, од каде се очекува дека до крајот на годината ќе излезат 10 милиони дози за извоз во не-ЕУ држави. За вакцината да може да се користи во Италија таа прво треба да биде одобрена од ЕМА и од италијанскиот регулатор Аифа.

Инаку, Сан Марино, од февруари почна да ги вакцинира своите граѓани со Спутник V.

Унгарија првата Спутник вакцина ја даде на 13 февруари, а Словачка во таен договор нарача 2 милиони дози. Чешка исто така размислува за нарачување на Спутник пред да добие одобрение од ЕМА, а ЕУ објави дека планира да ги вклучи Спутник и кинеските вакцини како основа за добивање на пасош за вакцинирани.

Рускиот инвестициски фонд објави дека има договор за производство и со Шпанија, што беше отфрлено од шпанската влада.

11 март 2021 - 10:01