Еден човек закачи корона, па Кина стави под клуч 200.000 негови соседи

Како одговор на еден случај на ковид-19 кинеските власти комплетно затвораат и блокираат град од 200.000 луѓе, забранувајќи каков било влез на производи и луѓе.

Се работи за градот Донгшинг, на границата со Виетнам, а карантинот на целиот град следува откако еден жител излезе позитивен за време на рутинска проверка. Затворени се училиштата, јавниот превоз и најголем дел од фирмите, освен супермаркети и аптеки. Карантинот е на неодредено време.

Затворањето на Донгшинг е прилично проблематично за Виетнам бидејќи градот секоја година е влезна точка за милиони тони виетнамски производи во Кина.

Не само заради овој случај, туку и од претходните кинески мерки против ковид, на 21 декември на виетнамско-кинеската граница имаше заглавено над 6.000 шлепери.

Хипер-претпазливоста на Кинезите е заради приближувањето на почетокот на Зимската Олимпијада во Пекинг, за која за сега нема ни збор дека би можела да се одложи заради ковид-19.

Кинеската борба за нула-ковид резултира со се построги контроли на границата, карантин и често затворање на делови од земјата. По појавата на неколку случаи на омикрон, кинеските власти почнаа да му препорачуваат на населението годинава да не ја прави масовната преселба од големите градови во родните места, и наместо тоа Кинеската нова година да ја слави таму каде што се наоѓа.

22 декември 2021 - 14:14