Што се случува меѓу пред и потоа

Другата страна на пластичната операција

Едно 20 години фотографката Лорен Гринфилд документира пациенти на пластична хирургија исклучиво во салата за операција и во центрите за закрепнување. Најчесто ова се луѓе кои не го прават тоа од медицинска потреба, туку затоа што така им дошло.

"Таа ја опфаќа страната на пластичната хирургија која останува претежно невидена и малку дискутирана, дури и во време кога пластичната хирургија стана далеку помалку приватна.

Медицинската реалност што таа ја претставува е сликовит потсетник за тоа што сè пациентите се подготвени да издржат во потрагата по магична трансформација.

Скокот од брчки до целосна анестезија изгледа незамислив за секој што го нема направено. А сепак се повеќе и повеќе луѓе го прават," пишува Линда Велс во текстот на Њујорк Магазин.

Според бројките на Американското друштво на естетски пластични хирурзи, не-хируршките интервенции (ботокс, ласер, пополнувачи) стануваат рутина, додека хируршките интервенции имаат раст во секој можен сегмент.

Фотографиите Гринфилд ги пакува во книга, придружена со сведоштва од пациентите. Насловот на книгата е “Generation Wealth”. Ова е дел од содржината:

Пациент: Мерилин
Процедура: Хемиски пилинг.

На 63 години, во 1998, Мерилин оди на пластичен хирург откако сфаќа дека е "многу несреќна со сопствениот изглед. Брчките околу устата се појавуваат пред неколку години, и почнуваат да се продлабочуваат."

Решава да направи хемиски пилинг, процедура која ја прават мал број доктори заради обемната обука што е потребна за тоа. За секоја процедура пациентот се става на седативи, а неговото лице се премачкува со комбинација од хемикалии, масти и вода. Хемикалиите ги горат горните слоеви од кожата, отстранувајќи ги кафеавите точки и брчките, а на место на изгореното ткиво почнуваат да се регенерираат нови клетки од кожа и да ги заменуваат старите.

"Во основа хемикалиите го претвораат лицето во отворена рана."


Пациент: Сидел
Процедура: Фејс-лифтинг

Сидел на 53 години закажува кај пластичен хирург, бидејќи не е задоволна од тоа како и изгледа кожата на вратот и околу очите. Смета дека изгледот влијае на нејзината претставителност и моќ, а дека стареењето значи губење на сопствениот идентитет. "Порано кога ќе влезев во соба се вртеа по мене. Кога бев во 20-те луѓе ме прашуваа дали сум модел. Сега ништо од тоа."

Хирургот прави подигање на лицето, вратот и очните капаци, плус третман на линиите околу нејзините очи и устата.


Пациент: Ипсилон
Процедура: Кревање на очните капаци и намалување на стомакот.


Пациент: Икс
Процедура: Потполно ласерско симнување на горниот слој на кожата на лицето и поткревање на очните капаци.

 

2 јуни 2017 - 12:55