За вакцините

Драги родители, некој ве лаже

Џенифер Раф работи на постдокторат на Универзитетот на Тексас, а до сега има два докторати еден за генетика и еден за антропологија. Заради неодамнешното појавување на голем број сипаници и други болести што се спречуваат со вакцинирање, и одбивањето на поборниците против вакцинирањето да го признаат проблемот, таа решава да напише едно писмо.

Драги родители,

Ве лажат. Луѓето кои тврдат дека дејствуваат во најдобар интерес на вашите деца го ризикуваат нивното здравје па дури и живот.

Велат дека сипаниците не се смртоносна болест.
Ама се.

Велат дека малите сипаници не се смртоносна болест.
Ама се.

Велат дека грипот не е опасен.
Ама е.

Велат дека големата кашлица не е толку лоша ако ја фати детето.
Ама е.

Велат дека вакцините не се ефективни во превенција на болести.
Ама секоја година со вакцинација се спасуваат животите на 3 милиони деца, а 2 милиони деца секоја година умираат од болести кои се спречуваат со вакцина.

Велат дека "природната инфекција" е подобра од вакцинацијата.
Ама не се во право.

Велат дека безбедноста на вакцините не е ригорозно тестирана.
Ама вакцините подлежат на повисоко ниво на тестови отколку кој било друг медикамент. На пример, оваа студија ја тестираше безбедноста и ефикасноста на вакцината против пневмонија предизвикана од стрептококата пнеумоние на повеќе од 37.868 деца.

Велат докторите нема да ви признаат дека има какви било несакани ефекти од вакцините.
Ама несаканите ефекти се добро познати, и со исклучок на многу ретки случаи тие се благи.

Велат дека вакцината против сипаници предизвикува аутизам.
Не предизвикува. (Прашањето дали вакцините предизвикуваат аутизам постојано се истражува во повеќе последователни студии, и сите покажуваат убедливи докази дека тие не предизвикуваат аутизам.)

Велат дека тиомерсалот во вакцините предизвикува аутизам.
Не предизвикува, а и онака од 2001-ва го нема во најголемиот дел од вакцините.

Велат дека алуминиумот во вакцините е штетен за децата.
Децата консумираат многу повеќе алуминиум преку мајчиното млеко отколку преку вакцините, а и без разлика на тоа потребни се многу поголеми количини на алуминиум за да се предизвика некаква штета.

Велат дека Системот за пријавување на штетни појави од вакцините докажува дека вакцините се штетни.
Не, не докажува.

Велат дека нормалниот распоред на вакцини е премногу тежок за имунитетниот систем да се справува со него.
Не, не е така.

Велат дека ако другите луѓе ги вакцинираат своите деца, тогаш нема потреба тие нивните да ги вакцинираат.

Ова е еден од најдрските аргументи кои сум ги чула. Пред се, вакцините не се секогаш 100% ефикасни, па можно е и вакцинирано дете пак да биде заразено ако е изложено на болеста. Најлошо од се, има некои луѓе кои не може да бидат ревакцинирани, бидејќи имаат намален имунитет, или затоа што се алергични на некои состојки. Овие луѓе за заштита зависат од имунитетот на стадото. Луѓето кои избираат да не ги вакцинираат своите деца против заразни болести не само што ги ставаат сопствените деца во опасност, туку и децата на други луѓе.

Велат дека "природните," "алтернативни," лекови се подобри отколку лековите базирани на наука.
Не се.

Вистината е дека вакцините се едно од најголемите достигнувања на јавното здравје, и една од најважните работи што можеш да ги направиш за да го заштитиш своето дете.

Можам да замислам точно каков одговор ќе добијам од поборниците против вакцинирање. Бидејќи не можат ефикасно да дебатираат против уверливите научни докази за вакцините, тие ќе кажат дека работам за големите фармацевтски компании. (Не работам и никогаш не сум.) Тие ќе речат дека не сум научник (сум), и дека сум "Агент 666" (Не знам што точно е ова, ама прилично сум сигурна дека не сум.)

Ниту една од овие работи не е вистина, ама тие се рефлексен одговор на противниците на вакцинирањето, бидејќи немаат никакви факти за да ги поткрепат своите позиции. На одредено ниво, длабоко во себе, тие мора да го сфаќаат ова, и се исплашени од последиците, па затоа го напаѓаат гласникот.

Зошто тогаш те лажат? Некои го прават тоа заради профит, обидувајќи се да ви продадат алтернативни лекарства со тоа што ќе ве уплашат од медицината базирана на наука. Сигурна сум дека многумина во движењето против вакцинирањето имаат вистински добри намери, и навистина искрено веруваат дека вакцините се штетни. Ама како што еден астрофизичар неодамна кажа "Добрата работа кај науката е што таа е вистина без разлика дали ти веруваш во неа или не." Во случајот со противниците на вакцините, ова не е добра работа. Добрите намери нема да ги спречат микробите да инфицираат или заразат луѓе, а пораката дека вакцините се опасни може да има ужасни последици. Во моментов низ САД има епидемии на болести кои може да се спречат со вакцини, предизвикани од невакцинирани деца.

Во само еден аспект мојата порака е иста со онаа на активистите против вакцинирање: 'Образувајте се'. "Прочитајте ги сите овие вебстрани кои ја поддржуваат нашата позиција," Ви препорачувам дека треба да научите што за ова вели научната заедница. Научете како функционира имунитетниот систем. Земете прочитајте за историјата на болестите пред вакцините, и зборувајте со постари луѓе кои израснале во период кога детската парализа, сипаниците и други болести не можеа да бидат спречени. Прочитајте како се развиваат вакцините и како тие функционираат. Прочитајте за Ендру Вејкфилд, и како неговото истражување во кое се тврдеше дека постoи врска меѓу вакцината против сипаници и аутизмот е повлечено, и му е одземена лекарската дозвола. Прочитајте ги бројните, огромни студии кои експлицитно истражуваа дали аутизмот е предизвикан од вакцините... и не открија ништо такво (Кога сте веќе таму, прочитајте за тековните истражувања чија цел е да утврдат која е причината - или причините за аутизмот. Во ова не помагаат луѓе кои продолжуваат да инсистираат дека вакцините предизвикуваат аутизам.)

Ова може ви изгледа како многу работа, и научните истражувања изгледаат застрашувачки за читање. Ама читање научни студии е вештина која може да се совлада. Еве ви одличен сајт за евалуирање на медицинските информации на интернет, а и јас имам напишано прирачник за не-научници, како да читаат и разберат научна литература. Ова им го должите на вашите деца, и на самите себе си, детално да го истражите проблемот. Немој да се потпирате на она што ви го вели некој непознат на интернет (дури ни на мене!). Прочитајте ги научните студии кои ги линкував во статијава, и разговарајте со вашите педијатари. Без разлика што ви велат противниците на вакцинирањето, нема потреба да се плашите од вакцини. Наместо тоа треба да ви е страв од она што ќе се случи без нив.

Луѓето се обидуваат да му најдат смисла на светот со откривање шаблони. Она што тие го гледаат како болест или состојба која се појавува во периодот кога детето е на возраст од околу една година, како што е случајот со аутизмот, а исто така е и период кога децата добиваат одредени вакцини, тие сакаат да го спојат во едно. Родителите многу повнимателно ги следат децата откако ќе бидат вакцинирани. Некогаш тие во тој период ги забележуваат симптомите. Само затоа што две работи се случуваат во исто време не значи дека едната ја предизвикала другата. Заради ова ни требаат внимателни научни студии.

извор 

9 април 2014 - 17:34