Онлајн семафорот кој во пандемијата масовно го користиме (Our World in Data), постојано објавува најнови информации за бројот на вакцини кои се употребени во светот и секојдневно, една држава постојано се појавува како лидер на тоа поле: Израел.
На пример, на први јануари, бројот на вакцинирани против ковид на 100 луѓе, во Канада бил 0,26, во САД 0,84, во Велика Британија 1,47 а во Израел 11,55. Тое е 44 пати повеќе од Канада.
Земјата има фасцинантни резултати и во апсолутни бројки. Иако со само 9 милиони жители, на глобално ниво е трета по апсолутниот број дадени дози (еден милион), само после Кина (4,5 милиони) и САД (2,79 милиони).
Ваквиот скор не е без политички контроверзи бидејќи Палестинците од Западниот брег и појасот Газа не влегоа под имунолошката јурисдикција на државата. Сепак, ефикасноста со која Израел го имунизира населението е чудесна: започнаа на 20 декември, веќе имаат преку 12% а до истекот на месецот очекуваат да вакцинираат една четвртина од луѓето.
Тоа што Израел постојано живее во своевидна вонредна состојба поради крајно напнатите односи со соседите веројатно е клучната особина што нивниот систем го прави ефикасен.
„Ние живееме во систем кој секојдневно се справува со вонредни околности и подготвеност за итна регрутација. Мала земја сме но со релативно добра здравствена инфраструктура и многу добронамерни луѓе кои се подготвени да ѝ помогнат на својата земја да го изведе проектот на вакцинација во рекордно време,“ вели Алон Мосес, директор на националната организација за клиничка микробиологија и заразни болести,.
Меѓу другото, заради вакцинирањето, на служба биле повикани преку 700 резервни здравствени работници.
Надав Давидович, директор на Школата за јавно здравје на Универзитетот Бен Гурион, објаснува дека клучен елемент за успехот било тоа што државата со месеци однапред се подготвувала за вакцинирањето и ги планирала сите елементи на проектот, од правењето приоритетни листи до логистичките прашања како вакцината да стигне до сите места, сето тоа додека интензивно се преговарало со Фајзер за набавка на доволен број дози.
Кај нас - да ви повторуваме ли? - ситуацијата е под контрола: