
Свињата од која бил употребен црниот дроб била генетски модифицирана за да се овозможи човечкото тело полесно да го прифати органот. Парче од органот бил пресаден на левиот лобус на 71-годишниот пациент откако му бил отстранет десниот, во кој се развил тумор со големина на јаболко.
Организмот го прифатил трансплантот од свињата - функционирал, произведувал жолчка и имал улога за коагулација на крвта, објавија хирурзите. Тоа му овозможило на преостанатиот лев лобус од црниот дроб на пациентот да се регенерира и да расте.
Пресаденото парче било отстрането 38 дена по трансплантацијата, кога се развиле компликации. Пациентот веќе бил во тешка фаза од болеста и починал по пет и пол месеци од напреден рак, цироза и хепатитис Б.
Планот на медицинскиот тим бил трансплантираниот црн дроб да има само привремена функција и да се отстрани откако лекарите ќе го следат развојот на пациентот што е можно подолго.
Никогаш немав намера свинскиот црн дроб да остане во телото. Мислам дека тоа е невозможно. Планот беше да функционира како мост додека црниот дроб на пациентот самиот не се регенерира, или да се добие месец-два додека не се обезбеди црн дроб од човечки донор, изјави докторот Бејченг Сун, хирург на Медицинскиот универзитет Анхуи главен автор на трудот.
Хирургот Хајди Јех од Медицинскиот факултет на Харвард ја поздрави смелоста на кинеските колеги воопшто да се обидат со таквата постапка, бидејќи досега не биле успешни прелиминарните експерименти со трансплантација на црн дроб од генетски модифицирани свињи кај примати - повеќето органи откажале во рок од еден месец.
Потфатот исто така сведочи колку брзо и агресивно кинеските медицински научници настојуваат да ја совладаат техниката за трансплантација на органи од генетски модифицирани свињи кај луѓе.
Секоја година во Кина загрозени се над 300.000 луѓе на кои им откажал црниот дроб и нема доволно донатори за да им се помогне. Во 2022 година им бил трансплантиран црн дроб на едвај 6.000 пациенти.
Уште поголем приоритет на кинеското здравство е да им помогне на 1,2 милиони пациенти со бубрежна инсуфициенција. Неодамна беше објавено дека 69-годишна жена живеела повеќе од шест месеци со функционален бубрег од модифицирана свиња. Слична операција извршија американски хирурзи во јануари. Пациентот со генетски модифициран свински бубрег сè уште е жив.
Кинеските хирурзи неодамна трансплантираа и свински бел дроб кај пациент со мозочна смрт. Таа ризична постапка не е направена никаде во светот.
******
Види и: Го имаме првиот човек со свинско срце