Брза храна - побрза смрт

Претерано користење ултраобработена храна - како месо, житарки или готови оброци, го зголемува ризикот од прерана смрт, покажува глобално истражување. Ваквата храна веќе содржи превисоки концентрации на масти, сол и шеќер, а уште поголема штета создаваат адитивите за боја, вкус и засладувачите. На секои 10% внесена брза храна, ризикот за прерана смрт се зголемува за 3%. 

Анализа на официјални податоци од Австралија, Бразил, Канада, Колумбија, Чиле, Мексико, САД и Обединетото Кралство покажува линеарен однос помеѓу дозата од конзумирана ултраобработена храна и морталитетот од сите причини, се наведува во студијата.

Штетата е толку голема што се наведува како еден од главните водечки фактори за прерана смрт во некои земји. Во САД, на пример, таквата храна се поврзува со прерана смрт на 124.017 лица, односно за 13,7% од сите смртни случаи, во Британија за 13,8%, а во Канада за 10,9%.

Во латиноамериканските земји, за споредба, ултраобработената храна е одговорна за 4% до 6% од вкупниот број случаи на прерана смрт.

УПФ не го нарушува здравјето само  поради внесувањето високи концентрации на соли, масти и шеќер. Во индустрискиот процес се додаваат и бои, ароми, засладувачи, емулзии и разни други вештачки состојки што ја зголемуваат штетноста, објаснува главниот автор на студијата, Едуардо Аугусто Фернандез Нилсон.

Тој забележува дека ризикот е поголем во најбогатите земји, но и дека расте побрзо во другите земји.

Студијата не воспоставувала директна врска помеѓу УПФ со конкретни причини за прерана смрт, како канцер или срцеви болести. Истражување спроведено лани во САД утврди дека луѓето што повеќе користат ултрапреработена храна имаат 4% повисок ризик да не доживеат 75 години и 9% поголем ризик да умрат од нешто што не е канцер или срцева болест. Притоа како најнездрави типови храна беа посочени обработено месо, шеќер и житарки за појадок.

28 април 2025 - 14:20