
Секоја шеста инфекција во болниците била предизвикана од бактерии отпорни на антибиотски третмани во 2023 година, наведува СЗО. Повеќе од 40% од антибиотиците ја изгубиле својата ефикасност против вообичаени инфекции на крвта, цревата, уринарниот тракт и сексуално преносливи инфекции помеѓу 2018 и 2023 година.
Проблемот е најтежок во земјите со ниски и средни приходи и во оние со недоволно ефикасни здравствени системи. Секоја трета инфекција во Југоисточна Азија и источниот Медитеран биле отпорни на антибиотици, а една од пет во Африка, се наведува во Извештајот за глобален надзор на отпорноста на антибиотици, врз основа на 23 милиони бактериски инфекции од 104 земји.
Ова е длабоко загрижувачки. Отпорноста на антибиотици продолжува да расте. Ни снемува опции за лекување и ги ставаме животите во опасност, особено во земјите каде што превенцијата и контролата на инфекциите се слаби, а пристапот до дијагностика и ефикасна медицина е веќе ограничен, вели д-р Иван Хутин, директор на Одделот за антимикробна отпорност.
Антимикробната резистенција (AMR) се јавува кога патогените еволуираат за да го издржат убиственото дејство на лековите. Во 2021 година, 7,7 милиони луѓе ширум светот починале од бактериски инфекции. Отпорноста на лекови биле директна причина за 1,14 милион смртни случаи, а придонела за уште 4,71 милиони.
Најсериозна е загриженоста за грам-негативните бактерии – оние заштитени со надворешна обвивка - како Escherichia coli и Klebsiella pneumoniae, кои предизвикуваат некои од најтешките бактериски инфекции што често доведуваат до сепса, откажување на органите и смрт.
Хутин вели дека 40% од E coli и повеќе од 55% од K pneumoniae се отпорни на цефалоспорини од трета генерација, кој е првиот избор за борба со вакви инфекции. Во африканскиот регион отпорноста често надминува 70%. Отпорноста на критични антибиотици од втор избор, особено карбапенеми и флуорохинолони, исто така расте кај клучните грам-негативни бактерии како што се Acinetobacter, K pneumoniae и salmonella.
Докторот Маника Баласегарам од Глобалното партнерство за истражување и развој на антибиотици вели дека мутациите на бактериите ја преминале критичната точка.
Најтешките за лекување грам-негативни инфекции почнуваат да го надминуваат развојот на антибиотици. Како последица можно е бројот на смртни случаи од AMR нагло да се зголеми за 70% до 2050 година. Не е доволно да се развијат нови антибиотици, тие мора да бидат вистинските, да ги таргетираат инфекциите што имаат најголемо влијание врз јавното здравје, вели докторот.