Антибактериски зијан

До сега на списокот ризици од користење антибактериски сапун се: зголемена можност од инфекција, промена во микробиомот и отпорност на лекови. Ако ова не ви пречи, добрата вест е што тој и понатаму е ефикасен во убивање бактерии.

Главни осомничени се состојките триклосан и триклокарбан. Триклосанот е крајно корисен на пример за докторите кои трошат и по неколку минути на чистење пред да влезат на операција, или за пациенти кои не смее да се чистат со сапун. Проблемот е што најголемиот дел од општата популација што ги користи анти-бактериските сапуни ниту е пациент, ниту е хирург.

"Има докази дека не постои никакво подобрување од користењето сапуни со овие хемикалии кога 30 секунди ги миеш рацете под топла вода, во однос на сапуни без овие хемикалии," објаснуваат од Универзитетот во Милвоки.

Меѓу штетноста што му се припишува на триклосанот е дека тој заради одредени свои карактеристики ги зголемува шансите за појавување на потенцијално заразната бактерија Staphylococcus aureus. Кај глувци изложени на триклосан било откриено дека многу потешко се справуваат со инфекција од оваа бактерија, односно дека триклосанот прави бактеријата да може подобро да се лепи за протеини и различни површини.

Во друга студија со глувци, откриено е дека мајките изложени на триклокарбан - антибактериска состојка која се користи во тврдите сапуни - ја пренесуваат хемикалијата и кај своето потомство. Во истата студија откриено е и дека хемикалијата го изменува микробиомот и кај мајките и кај новородените глувци.

Други истражувачи го следат влијанието на триклосанот откако ќе го измиеш или ќе излезе од телото. Во канализацијата тој ја попречува работата на микробиотските системи што помагаат во распаѓањето на отпадот, најчесто убивајќи ги бактериите што го прават ова.

Иако штетноста на овие две состојки допрва ќе треба да се истражува, американската агенција за лекови и храна прави ревизија на својата одлука да го прогласи триклосанот дека е безбеден за користење, и дека тој ги прави подобри антибактериските сапуни и останатите средства за лична хигиена. Сега ФДА побара од сите производители на антибактериски сапуни да испратат податоци кои ќе покажат дека нивните сапуни се подобри од обичните сапуни во уништување на бактериите.

11 април 2016 - 12:50