Остриот скок на новозаразени се случи откако минатиот месец беше нагло напуштена цврстата и ригидна политика за „нула-ковид“.
Јавно беше признато дека земјата регистрира зголемен број на критични случаи и смртни исходи но се тврди дека таков е трендот и во други земји.
Во новогодишното обраќање, кинескиот претседател призна дека државната стратегија имала фалинки и не се успеало во намерата да се капсулира вирусот. Ши Џинпинг изрази и разбирање за отпорот против рестрикциите кој во последно време стануваше сè помасовен.
Во првите 20 дена од декември, највисоките државни здравствени инстанци проценуваа дека заразени со вирусот се неверојатни 248 милиони луѓе, што е еквивалентно на 18 проценти од населението.
На теренот игра омикрон.
„Имаме огромна база на заразен, па затоа стануваат сè повидливи и тешките и смртните случаи, изјави претставник на Националната здравствена комисија.
Само една шангајска болница прима по 1.600 итни случаи на ден од кои 80% се со ковид. Преку 100 амбулантни возила постојано носат итни случаи од кои повеќето се стари лица.
Од друга страна, Пекинг не е задоволен што многу држави почнаа повторно од Кинези да бараат негативни тестови за влез во земјата и се закани дека би можеле да воведат реципрочни мерки.