Boys State е документарец за експериментот во кој на 1.000 млади луѓе, на 16 и 17 годишна возраст, им се дава шанса да учествуваат во замислен политички живот. Се делат во политички партии, избираат државни функционери, гласаат за судии и се натпреваруваат за главната позиција, гувернер на државата.
Зад вака замислениот игроказ стои организација во која членуваат намазани типови како Бил Клинтон и Дик Чејни но и добронамерни ликови како Брус Спрингстин и Мајкл Џордан.
Идејата е да се види дали е оправдана онаа вековна надеж дека, доколку им биде дадена шанса, младите можат на подобро да ја сменат политиката и во неа да внесат искреност, свежина, храброст и визија. Од друга страна, се ставаат во ситуација во која треба да ја сознаат вредноста на компромисот и соработката.
Дали тоа се покажало така? Накратко, не.
Кога ќе им се даде шанса да бидат политичари, младите главно го копираат она што веќе постои ја сцената. Убедлива поделеност по партиски линии (биле поделени на Федералисти и Националисти), собирање евтини поени на звучни но неостварливи пароли, рецитирање веќе слушнати поенти кои се проценуваат како добитни и слично.
И најдепресивното, исто како старите политичари, и младите во таа улога едно мислат а друго прават. Еден од учесниците пред камера признал дека лично е про-избор но на јавна сцена застапува тврда линија против абортусот.
„Некогаш не можеш да победиш со тоа што ти е блиску до срцето,“ рекол дечкото со веќе научената политичка лекција.
Накратко, кога им се дава шанса, младите не оцртуваат нова, своја иднина, туку го продолжуваат актуелниот политички театар. Така што, играта ќе остане, само со некои нови и „свежи“ лица кои ќе го играат она за кое проценуваат дека во тој момент им носи поени.
Дами и господа, младиот Драги Рашковски, страсен анти-натовец.