Тим О' Брајан е новинар и автор на некогашниот бестселер „TrumpNation: Уметноста да се биде Доналд“, пишувана уште кога актуелниот претседател беше само занимлив и контроверзен бизнисмен.
Едно од интервјуата правеле во приватен авион на Трамп. Раскажувајќи како авионот внатре бил наџиџан, О' Брајан вели дека меѓу другото, забележал и слика со две девојчиња, едната во портокалова капа, другата со цветен венец, насликана во импресионистичкиот манир на Реноар.
Трамп гордо му рекол дека тоа е оригинал, овој му рекол дека не мисли така но златокосата мазга била упорна: „Оригинал е“.
„Доналд, не е оригинал. Јас имам пораснато во Чикаго, овој Реноар се вика „Две сестри на тераса“ и изложена е во Чикашкиот институт за уметност“.
На овој непотребен упад на факти во муабетот, Трамп наглуво повторил „Оригинал е“, по што гостинот решил да ја промени темата.
Подоцна, кога повторно се качиле во авионот за да се вратат во Њујорк, како претходната конверзација никогаш да се немало случено, Трамп на O' Брајан му рекол: „Тоа е оригинал, знаеш?“
Во скорешно интервју со првата дама на САД ќе видите дек истиот „Реноар“ сè уште им е по дома (0:56). Интервјуто е дражесно и затоа што Меланија открива дека Трамп најмногу го нервира - глупоста. Но, настрана оваа тема (Доналд Дамб и уметноста), во истиот муабет можете да забележите како Меланија на прилично досетлив начин всушност не ги демантира гласините за ужасниот човечки квалитет на нејзиниот сопруг па на прашањето „дали Трамп е гад со жените?“ одговара дека „тој еднакво ги третира сите“.
Се разбира, вистинските „Две сестри на тераса“ (1881) од Огист Реноар одамна се наоѓаат изложени во Чикашкиот институт за уметност.