Тесла се изрезили во првиот обид да го собори Порше на Нурбургринг

Пред некое време Порше го прикажа своето прво комплетно електрично возило Тајкан, и објави дека истото тоа возило успеало да постави рекорд за круг на Нурбургринг од 7 минути и 42 секунди. Ова беше премногу за егото на Елон Маск па човекот не додржа и на Твитер објави дека праќа Тесла Модел С на Нурбургринг за да го собори рекордот.

Како што вети Маск, Модел С се појави на Нурбургринг (специјално за него беше донесен Суперчарџер кој беше поврзан на дизел генератор), и почна да вози по тркачката патека.

И сето ова заврши без кој било, вон Тесла, да има поим што се случи.

Тесла не објави краен резултат, ниту за колку време го свртеле кругот, туку само на Твитер напиша: „Податоците од нашите тестови на патеката покажаа дека Модел С (во новиот Плаид мод) може да постигне 7:20 на Нурбургринг. Со одредени унапредувања можно е и 7:05 кога Модел С ќе се врати следниот месец“.

Како што сите забележаа, „може да постигне“ не значи дека Тесла воопшто го постигнала тоа време.

Згора на ова Аутоблог објави дека комплетниот ентериер на Модел С што се возел на Нурбургринг бил изваден, возилото имало и „не-стандардно агресивна школка, повеќе моќ и Мишелин Пилот Спорт Куп 2 Р натпреварувачки гуми“.

За резилот да биде поголем, излезе и видео од расипан Модел С на сред Нурбургринг, како чека шлеп-служба. Бонус е што додека ја товараат Теслата на камион, покрај нив минува Порше Тајкан.

За комплетирање на несреќната екскурзија на Тесла на Нурбургринг, треба да се знае дека Порше рекордот на патеката го постигна со Тајкан Турбо, без воопшто да ја проба најбрзата верзија на возилото Тајкан Турбо С.

Кругот на Тајкан:

 

24 септември 2019 - 14:51