Најстрмен на светот, кој е?

Сомнителниот систем на регистрирање на Гинисовите рекорди

Навидум банална вест - улица во Велс станала рекордер, како најстрмна на светот. Но таа е стара неколку векови, што го покренува прашањето, како тоа некоја друга до сега фигурирала како најстрмна?

До скоро Болдвин стрит во Данедин, Нов Зеланд, фигурираше како најстрмна на светот во Гинисовата книга на рекорди. Од почетокот на месецов на нејзино место во регистарот стои кривулеста улица во северо-западен Велс, која е предизвик и за најспремните качувачи и велосипедисти.

Што се случило та дошло до ваква промена? Дали претходната станала помалку стрмна заради некаква природна катастрофа? Или новава некако магично се подигнала?

Ниту едното, ниту другото. Плус улица не е нешто што стои скриено под земја, и чека да биде откриено од археолозите. Оваа што сега е прогласена за најстрмна била таква со векови, што значи дека претходната неправично ѝ го држела местото, фалејќи се со титулата и привлекувајќи туристи, макар и со ваква прилично небитна особина.

И не е проблемот во стрмните улици на овој свет кои влегле или не влегле во Гинисовата книга на рекорди, туку во системот кој доделува вакви признанија. Да речеме дека стрмнината на претходната улица, од 35%,, била коректно измерена и проверена, исто како и тоа дека се работи за асли улица, а не за некаква планинска удолница без асфалт. Но она што зачудува е што иста таква коректност недостасувала за проверка на тоа дали има и такви улици кои се пострмни. Ова е необичен пропуст бидејќи изгледа прилично очигледно - дека ако сакаш да знаеш која е најстрмната улица треба да ја измериш стрмнината на сите улици, во целиот свет.

И ова е огромен логистички предизвик. Кој ќе плати за него? Сигурно не Диаего, фирмата сопственик на брендот Гинис, која веќе и не стои зад Гинисовата книга на рекорди. А да не зборуваме колку е сето тоа глупо и небитно во споредба со многу позначајни податоци кои не добиваат публицитет затоа што не претставуваат (наводни) рекорди.

Па сепак, ако нешто е „многу“ (големо, мало, слабо, дебело, брзо..), тоа не значи дека е и „нај“ на светот. Највисокиот човек кого сте го сретнале најверојатно не е и највисокиот на Земјата. Или можеби е, ама тоа би морало да се провери. Не може само да речеш „вау!“ и потоа тоа да го внесеш во регистар - Книга на рекорди - за кој многумина веруваат дека е меродавен и базиран на факти. Примерот со улицата во Велс со необично име - Ffordd Pen Llech, е симптоматичен за поголем број вакви рекорди, чија објективност е речиси невозможно да се процени, па оттаму и не би требало воопшто да постојат како категории.

извор

23 јули 2019 - 17:33