Студија објавена во Сајентифик репорт сугерира дека зборувањето со себе помага да се регулираат емоциите и да се намали стресот. Експериментите на луѓето од Универзитетот во Мичиген велат дека најефикасно не е она кое најчесто се прави - гласно зборување сам со себе, туку муабет во глава, но, во трето лице.
Значи, ако се викате Перо, наместо на улица да викате: „Ќе се убијам ако пак ме вратат на шалтер“, треба во себе да си кажете: „Перо, ако пак те вратат на шалтер, некој треба да го јаде“.
Оваа дистанца од себе која го носи зборувањето со себе во трето лице имала благопријатни ефекти врз дефрагментирање на стресот и објективно одредување на проблемите. Во секој случај, оваа нова стратегија е лесна за пробување. Една претходна стратегија за намалување на стресот се викаше „когнитивна реинтерпретација“ (оди па објасни му на Перо тоа).
Постојат студии дека ваквиот внатрешен дијалог особено помага во наоѓање заборавени предмети. Отприлика (уште сте Перо), кога ќе си подвикнеш: „Перо, идиоте, кај ги остави клучевите???“ и се надеваш дека Перо ќе се сепне од строгиот глас и ќе му текне.
Е сега, ако на тоа прашање Перо ви одговори: „Да ми се фатиш“, онда имате проблем а засега нема соодветна студија за таква ситуација.