Шпион на четири тркала

Ако го спојувате вашиот смартфон и вашиот автомобил, не сте свеесни колку надлежните служби можат да дознаат за вас. Не само каде се имате возено, туку и кои врати (и каде) сте ги отвориле.

За 500.000 долари, американската царина купила шведска опрема за екстракција на податоци од автомобили. Веста го привлече вниманието затоа што огромен број луѓе не се ни свесни колку податоци генерираат и зачувуваат модерните автомобили кои ги возат.  

Набавената опрема може да ги дознае сите досегашни дестинации, најчесто посетуваните места, логови од телефонски повици, контакт листа, смс пораки, меилови, фотографии, видеа, активности на социјални мрежи. Може да дојде и до податоци кои сопственикот мислел дека ги избришал и не само да ја идентификува мрежата на неговите контакти туку и шемата на нивните комуникации.

Чекајте, тоа не сè.

Набавените форензички комплети имаат способност да откриваат специфични настани кои гордите сопственици на модерните автомобили во кои смарт опциите, компјутерската шал табла, блутут и УСБ се задолжителен стандард, не ни претпоставуваат дека некаде се бележат: на пример кога и каде биле запалени светлата на автомобилот или пак кои врати биле отворани и затворани на точни локации. Тука е и менувањето на брзините, стартувањето на автомобилот, логови за брзината на движење и триста други детали.

Активистите за човекови права и заштита на приватноста се загрижени дека со помош на оваа опрема на големо ќе се крши уставната забрана за непотребно претресување. Особено ги загрижува во чии раце е опремата.

„Секогаш сме вознемирени кога почнува да се користи опрема за мониторирање која е длабоко офанзивна. Кога таква опрема доаѓа во рацете на американската царина и службата за заштита на границата, тоа е веќе Дефкон 1“, вели еден од нив, потсетувајќи дека царината и досега уживаше прешироки исклучоци во поглед на четвртиот амандман за заштита на приватноста, откако федералниот суд реши дека на царинските служби не им треба налог за пребарување по дигиталните уреди на „осомничените“.  

13 мај 2021 - 17:43