Се продава бело платно за 1,5 милион евра

Бело платно со бела рамка, со димензии 132,1 х 132,1 е ставено на понуда во аукциската куќа Кетерер. Очекувањето на аукциската куќа е дека оваа ставка од каталогот ќе ја продаде за 1,5 милиони евра.

Делото е на американскиот уметник Роберт Рајман од 1970, и се вика „General 52“ (бројката се однесува на димензијата на платното од 52 инчи, што е еднакво на 132,1 сантиметар).

Иако изгледа само како платно купено во продавница и обесено за продажба, всушност целата површина е премачкана со бел емајл, кој обично се користи за фарбање метал.

Заради употребата на ваква боја врз платно од памук, делото е крајно кршливо, па не можеше да биде испорачано за изложување во аукциската куќа пред продажбата.

Инаку Рајман кој нема никакво уметничко образование е џез пијанист кој почнува да слика од хоби откако се вработува како обезбедување во МОМА во Њујорк. Чуварот има и други дела кои и претходно се продале за милиони долари.

Пред некој ден за 6,2 милиони долари беше продадена банана залепена за ѕид со дактејп. Веднаш по продажбата, новиот сопственик ја изеде најскапата банана на светот.

6 декември 2024 - 11:42